Македонија

22 декември, 2017

Пристигнува големото шоу на 106-ка!

Радио 106 од Битола и оваа година ќе ги прогласи најдобрите артисти и нивните изданија од светската музичка сцена во големото шоу „Најдобрите во 2017“! 106-ка започна со овој амбициозен проект уште во 2001 година, во обид да го преточи вкусот на битолската и македонската музичка публика во церемонија на доделување на награди од типот на познатите Греми, Брит и сличните на нив, но, според наш вкус, мислење и според тоа колку и кои од песните биле популарни кај нас. Така, секоја година 106-ка продуцира и емитува повеќечасовна спектакуларна шоу програма во која ги прогласува најдобрите хитови и музичари во вкупно 20 категории, меѓу кои се категориите за најдобра поп, рок, латино, хип хоп, р&б, денс, саундтрак песна, најдобар ремикс, продуцент, машки, женски артист, најдобра група, хит на годината според 106-ка и хит на годината според слушателите.

Меѓу артистите со најмногу номинации оваа година се: Ед Ширан, Џастин Бибер, Џеј Балвин, диџеј Калид, Дуа Липа, Бруно Марс, Чарли Пут, Луис Фонси, Деди Јенки, Пост Малоун, Ријана, Келвин Харис, Ники Минаж, Френч Монтана, Камила Кабејо, Вили Вилијам, „Португал д мен“, Џејкоб Бенкс, „Рег-ен-боун мен“, Кејти Пери, Ен-Мари, „Клин бандит“, Шон Пол, Џејсон Деруло, „Чејнсмоукерс“, „Прпл диско машин“, Фарел Вилијамс, Тејлор Свифт, Викенд, „Имеџин дрегонс“, „Колдплеј“ и уште многу други познати музички имиња.

Шоуто ќе изобилува со ексклузивитети, како интервјуа со познатите музички ѕвезди, меѓу кои и Аксвел и Ингросо, Бруно Марс, Камила Кабејо, Чарли Пут, Дуа Липа, Ед Ширан, „Имеџин дрегонс“, Џеј Балвин, Џејсон Деруло, „Португал д мен“, „Рег-ен-боун мен“, и со концертни изведби на најпознатите хитови на годината.

Од минатата година шоуто се пренесува и на најпознатите локални радија во Македонија, а премиерно ќе се емитува на фреквенцијата на 106-ка (106.6 фм) на два дена пред нова година – 29 декември, со почеток во 15.00 часот. Комплетната листа на номинирани во сите категории, пропозициите и повеќе детали имате на www.106.com.mk.



Врати се горе ↑