31 јануари, 2018

Принц и Кали имаат „Шарена банана“

После подолга пауза од сцената, но само како самостоен изведувач, Александар Ристовски Принц деновиве ја објави темата „Шарена банана“, во која гостува колешката Калина Велковска, позната само како Кали.

„Инспирацијата за оваа песна ми дојде во продавница, гледајќи ги шарените банани тргнати на страна. Обично тие банани се најблаги и највкусни за јадење, но децата не ги сакаат. И така ми дојде идеја да ја персонифицирам обесправената слатка банана, па само ја поврзав приказната со девојка“, вели Принц.

„Шарената банана“ доби и свое официјално видео во режија на самиот Принц, во кое покрај него и Кали се појавуваат и Александар Ванчовски – Џигер на тапани, Јане Тодоровски на бас и Петар Лукиќ на клавијатура. Песната воедно е најава за нов албум, кој наскоро ќе биде достапен за преземање од најголемите светски платформи како што се Ајтјунс, Гугл плеј и Спотифај.

Инаку, Принц од неодамна е и првиот уметник што стана дел од „Адрија артистс“ (Adria Artists), платформа на која „различни артисти од исто поднебје ќе ги прикажат своите креации“ и каде што веќе има повеќе видеа од досегашното творештво на музичарот.



Врати се горе ↑