Свет 2598319-lady-gaga-Donatella-Versace-milan-617-409

28 октомври, 2012

Пријателство на две ѕвезди: Лејди Гага и Донатела Версаче

Познатата креаторка Донатела Версаче и поп ѕвездата Лејди Гага неодамна поминаа неколку незаборавни дена во Милано, а папараците ги следеа на секој чекор. Двете дами кои се дружат и соработуваат веќе неколку години, го зацврстија нивното пријателство во текот на претстојот во модната престолнина каде што беа неразделни. Во текот на миланската „Модна недела“, сопственичката на модната империја ја претстави нејзината најнова колекција во палатата „Версаче“, каде што традиционално се одржуваат сите модни ревии на тој бренд, а Лејди Гага беше во улога на специјален гостин на креаторката. Ексцентричната поп дива за таа прилика беше облечена во дол црвен фустан кој ги истакнуваше сите нејзини женски атрибути, а беше креација токму на Донатела. Додека претстојуваше во палатата, модната икона имаше можност да го види апартманот на трагично настраданиот Џани Версаче, за што на нејзиниот твитер профил напишала: „Бев во апартманот на Џани кој е украсен до четириесет илјади ружи. Те сакам, Донатела.“

Славната креаторка и музичката ѕвезда продолжија со дружење и по завршувањето на „Модната недела“, а познатата пејачка и’ беше гостинка на модната икона. Како одличен домаќин, Донатела својата пријателка ја прошета низ градот, а во паузите уживаа во палатата „Версаче“. Бидејќи дизајнерката е родена во Милано, не и беше воопшто тешко да ја запознае својата пријателка со сите знаменитости на градот. За да покажат колку се блиски, во текот на целиот претстој двете се облекуваа слично и носеа исти фризури. Со Гага беше и нејзиното милениче, кучето Фоки од кое ретко се одвојуваа. Привлекуваа внимание како на нивните бројни фанови во Италија, така и на папараците кои ги следеа на секој чекор. Една вечер во палатата на Донатела која се наоѓа во центарот на градот, стотина фанови и десетина фоторепортери ја окупираа луксузната вила за да им се приближат на омилените познати личности. Пријателките се одлучија да им излезат во пресрет на фановите, па излегоа на терасата од каде што ги поздравија. Нивниот гест наиде на големо воодушевување кај присутните кои ги скандираа нивните имиња и им праќаа бакнежи. Во знак на благодарност, Донатела и Гага има фрлаа ружи на присутните, а контроверзната ѕвезда во таа прилика прв пат го покажа нејзиното куче, што предизвика потполна еуфорија.

Музичката дива беше воодушевена од својата домаќинка, па неколку пати и самата постави заеднички фотографии на нејзиниот твитер профил, а најголемо внимание привлече онаа на која Гага е топлес. Инаку, таа со години ја следи работата на Донатела, за што и јавно кажа дека многу ја цени и дека и’ е чест што се познаваат и соработуваат.

По неколку дена поминати во Италија, двете пријателки заради работните обврски мораа да се разделат. Легендарната креаторка им се врати на своите обврски на промоцијата за нејзината најнова колекција, а Гага требаше да се подготви за концертните активности. Таа веќе на крајот на овој месец ќе продолжи со турнејата во земјите од Средна и Јужна Америка, а првата станица ќе и’ биде Порторико.

 



Врати се горе ↑