Настани плакат

15 јуни, 2015

Претфестивалски промотивен настан на „Македокс“ во „Кула“

По повод шестото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, на 17 јуни (среда) во 20.00 часот ќе се одржи претфестивалски промотивен настан во Културниот центар „Кула“. На настанот, за чиј ритам ќе се погрижи диџеј Шурбе, ќе може да се дознае нешто повеќе за програмата и новитетите на шестиот „МакеДокс“. Воедно ќе може да се погледне и изложба на досегашните промо-материјали на „МакеДокс“.

„МакеДокс“ и „Кула“ ги повикуваат сите да го донесат својот ритам на живот и да го поврзат со фестивалскиот ритам на „МакеДокс“. Доколку сакате, можете да си донесете и инструмент или некаков предмет со кој ќе нè заиграте во својот ритам.

Новитет на годинешниот фестивал се двата вида на блок-билети за проекциите во Куршумли ан. Едниот е наменет за студенти до 27 години, кои со својот индекс ќе може да го набават за 600 денари. Другиот блок-билет е за сите останати љубители на документарните приказни и чини 900 денари. Сите оние кои сакаат да уживаат во седумдневниот ритам на фестивалот, веќе од 15 јуни ќе можат да ги купат блок-билетите во претпродажба на билетарницата на МКЦ. По 20 јуни, блок-билтетите ќе бидат достапни и во Куршумли ан.

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ започна во Скопје во 2010 година со цел да ја претстави и промовира креативната документарна филмска уметност. За само половина деценија, „МакеДокс“ успеа да прерасне во национална, регионална и светски етаблирана филмска манифестација со над 80 проекции годишно, придружена со изложби, дебати, работилници, мастер-класови и музички настани.

Шестото издание на „МакеДокс“ ќе се одржи од 20 до 26 јуни 2015 година во Куршумли ан, МКЦ и Музејот на холокаустот.

www.facebook.com/makedox.mk

www.twitter.com/MakeDox

www.instagram.com/MakeDox

www.makedox.mk

 



Врати се горе ↑