Аудио

12 јуни, 2019

Преслушајте го постхумниот албум на Авичи

Покојниот шведски диџеј и продуцент Авичи работеше на нов материјал сè до последниот ден од неговиот прерано згаснат живот, а неговото семејство се погрижи сработеното да не остане закопано во архивите и да не стигне до ушите, но и душите на неговите верни слушатели.

Најавен со сингловите „SOS“ и „Tough Love“, постхумниот албум насловен едноставно „TIM“ (по неговото лично име Тим Берглинг) стигна на 7 јуни, а меѓу 12-те песни што се сместени на него, се и соработки со вокалистот на „Колдплеј“ – Крис Мартин, „Имеџин дрегонс“, Елоу Блек и неговите долгогодишни соработници Варгас и Лагола, кои воедно беа задолжени да го довршат материјалот.

Речиси сите стихови ја отсликуваат неговата битка со менталното здравје, што на крајот беше и причината да си го одземе животот, па затоа семејството најави дека сите собрани средства од продажбата на албумот ќе бидат наменети за Фондацијата Тим Берглинг, основана со цел да им помогне на сите што имаат тешкотии и проблеми со менталното здравје.

Од сите песни, особено се издвојува соработката со „АРИЗОНА“, која го носи насловот „Hold The Line“.

„Нема да си дозволиме да умреме млади, иако понекогаш се бориме да останеме трезвени. Едноставно мораме да продолжиме и да не се откажуваме од овој живот“, пее вокалистот Закари Чарлс, кој во соопштението за песната рече дека оваа песна многу им значи. „Се надеваме дека ќе пренесе позитивна порака на сите оние што се мачат со секојдневните пречки во животот. Не сте сами“, порача тој. „Дури по смртта на Авичи дознавме дека оваа песна стигнала до неговите раце и дека успеала да го допре. Почестени сме што имавме можност да ја доведеме песната до крајната цел“, додаде пејачот.

Покрај постхумниот албум, љубителите на Авичи в година ќе имаат можност да ја имаат и неговата официјална биографија што ја подготвува шведскиот новинар и автор Монс Мосесон, а приходите од продажбата исто така ќе бидат наменети за Фондацијата Тим Берглинг.



Врати се горе ↑