Аудио

20 јули, 2019

Преслушајте го новиот албум на Бијонсе за „Кралот лав“

Бијонсе го објави албумот „The Lion King: The Gift“, со нови, оригинални песни инспирирани од самиот филм, кој веќе започна да се прикажува во кино-салите ширум светот. Пејачката, која го позајмува гласот за лавицата Нала, за овој проект собра дел од најголемите музички ѕвезди од повеќе африкански земји, а целиот албум го опиша како „љубовно писмо до Африка“.

„Секоја песна беше напишана за да го отслика раскажувањето на филмот, што му дава шанса на слушателот сам да си создаде своја слика додека слуша нови, современи интерпретации“, објасни госпоѓата Картер, чиј сопруг Џеј Зи и ќеркичката Блу Ајви исто така гостуваат на албумот.

Меѓу песните се сместени аудио-извадоци од самиот филм, што дополнително придонесува албумот да се доживее како целина. Како што споменавме, во создавањето на овој интересен проект учествуваа и бројни музички имиња од Африка, како што се нигериските афробит-ѕвезди Бурна Бој, Мистер Изи и Јеми Аладе, Шата Вале од Гана, Салатиел од Камерун, Бусисва и Мунчајлд Санели од Јужна Африка, а тука се и американските колеги Доналд Гловер алијас Чајлдиш Гамбино, кој го позајмува гласот за Симба, Фарел Вилијамс, Кендрик Ламар, Визкид и други.

Освен новиот албум, Бијонсе го објави и продолженото видео за „Spirit“, дополнето со изведбата на темата „Bigger“. Сето тоа може да го погледнете во продолжение, а веднаш потоа преслушајте го и целиот албум „The Lion King: The Gift“. Уживајте!



Врати се горе ↑