Балкан

14 февруари, 2018

Преслушајте ги сите песни за „Беовизија 2018“

Како што ви пренесовме неодамна, Србија го возобнови фестивалот „Беовизија“, во чии рамки ќе биде одбрана песната со која земјата ќе се натпреварува на годинашната „Евровизија“ во Лисабон. На конкурсот што го распиша РТС, пристигнале вкупно 75 композиции, а 17-те кои влегле во потесниот избор ќе бидат изведени во живо на самиот фестивал.

За победничката композиција ќе одлучува петчлено жири и самата публика, која уште отсега има можност да си го одбере својот фаворит бидејќи сите 17 песни се веќе објавени на Јутјуб. „Беовизија 2018“ ќе се одржи во вторник, 20 февруари, во центарот „Сава“ во Белград, а директниот пренос ќе се емитува на РТС1, со почеток од 21 часот.

 

 

Сличен концепт за избор на евровизиска песна годинава има и Црна Гора, која ја возобнови својата „Монтевизија“, фестивал кој досега се одржал само два пати, во 2005 и во 2006 година. За разлика од Србија, за црногорскиот билет ќе се натпреваруваат само пет изведувачи, чии композиции ги одбрало жирито во состав: Дејан Божовиќ, Владимир Мараш, Славен Кнезовиќ, Исмета Дервоз и Корнелије Ковач.

Одлуката за победникот на „Монтевизија 2018“ ќе биде донесена исклучиво врз основа на бројот на СМС пораки од гледачите, а сето тоа ќе се случува в сабота, 17 февруари, во хотелот „Хилтон“ во Подгорица. Настанот ќе биде пренесуван во живо на РТЦГ. Куси извадоци од петте песни можете да слушнете во продолжение, а според неодамнешното влечење жрепка, победникот или победничката ќе настапува во втората полуфинална вечер на 10 мај, заедно со Србија.

Извори и фотографија: rts.rs / rtcg.me

 



Врати се горе ↑