Аудио

6 февруари, 2019

Преслушајте ги песните за црногорскиот евровизиски избор „Монтевизија 2019“

На 9 февруари, в сабота ќе се одржи црногорскиот национален избор за песна на „Евровизија 2019“, а на манифестацијата симболично наречена „Монтевизија“ ќе се натпреваруваат вкупно 5 изведувачи. Фестивалот беше возобновен лани, откако претходно се одржал само двапати, во 2005 и во 2006 година, а овој пат за билетот за Тел Авив ќе се натпреваруваат: „Д-мол“, Андреа Демировиќ, Моника Кнезовиќ, Ивана Поповиќ-Мартиновиќ и Нина Петковиќ.

Од осамостојувањето во 2006, Црна Гора како самостојна земја се вклучи во натпреварот во 2007 година, испраќајќи свои претставници вкупно 10 пати (со пауза во 2010 и 2011), а пласман за финале обезбедила само двапати – со Сергеј Четковиќ во 2014 (19. место) и со Кнез во 2015 година, со засега највисокото 13. место. Имајќи ги предвид токму тие две песни, се чини дека моќните балкански балади со етно-призвуци најдобро поминуваат кај евровизиската публика, а најблиску до тој „рецепт“ годинава е темата „Невиност“ на Ивана Поповиќ-Мартиновиќ.

Сепак, црногорците знаеле да испратат и по некој рок, поп или денс-рефрен, како што беа „Ху-си“ со нивната „Игранка“ во 2013 или контроверзниот Славко Калезиќ со „Space“ во 2017, па што ќе одберат за Тел Авив ќе дознаеме в сабота, а сите пет песни за „Монтевизија 2019“ можете да ги преслушате во продолжение. Уживајте!

 



Врати се горе ↑