Македонија fotr

7 декември, 2015

Премиерна изведба на мјузиклот „Свирач на покривот“ од студентите на ФМУ – Скопје

Оваа година се навршуваат 49 години од постоењето на Факултетот за музичка уметност во Скопје – првата високообразовна институција од ваков вид во Република Македонија чиишто завршени студенти сиве овие години заземаат значајно место во музичкиот живот на земјава, но и надвор од неа. По тој повод, на 9 декември во салата на Македонската опера и балет ќе се изведе мјузиклот „Свирач на покривот“ (Fiddler on the Roof), од американските автори –  композиторот Џери Бок и Шелдон Харник, кој е автор на текстот, според книгата на Јосеф Штејн.

„Свирач на покривот“ е мјузикл во два чина, а неговото дејствие се случува во далечната 1905 година, во тогашна Царска Русија. Во центарот на случувањата е животот на Тевје со неговите пет ќерки, и неговите настојувања да ја одржи еврејската религија и еврејските културни традиции во своето семејството, постојано борејќи се со општеството и надворешните влијанија.

Во изведбата на мјузиклот за прв пат заедно се претставуваат сите катедри од Факултетот за музичка уметност во Скопје. Имено, дел од претставата ќе бидат солисти од катедрата за соло-пеење, студенти од катедрата за популарни жанрови, студенти од катедрата за балетска педагогија во Скопје, како и Симфонискиот оркестар на ФМУ и хорот „Драган Шуплевски“, подготвуван од страна на диригентот Сашо Татарчевски. Покрај нив, дел од претставата ќе бидат и неколкумина танчери и пејачи од Македонската опера и балет, како и ученици од фолклорните оддели на Државниот музичко-балетски училишен центар „Илија Николовски-Луј“. Сите тие, предводени од маестро Саша Николовски-Ѓумар, со сигурност ќе приредат незаборавна вечер.

„Оваа година се навршуваат 49 години од постоење на Факултетот за музичка уметност – Скопје. Во просториите на Факултетот на 9 декември ќе бидат доделени дипломите на завршените студенти на додипломските и последипломските студии на нашата установа.  Пред да имаме можност да уживаме во мјузиклот ’Свирач на покривот’, кој го подготвиле нашите студенти, оваа наша свеченост ќе ја збогатиме со еден краток, но исто така свечен чин, преку кој на малку поинаков начин ќе споменеме еден од основоположниците на Факултетот за музичка уметност – проф. Томислав Зографски. Оваа година фондацијата Томислав Зографски по осми пат ќе ја додели наградата за најдобар студент на одделите по композиција, музикологија, музичка теорија и педагогија, на ФМУ во 2014 година. Проектот ’Свирач на покривот’ е од особено значаен бидејќи за првпат сите наши катедри соработуваат во него, така што факултетот ќе се претстави максимално сеопфатно. По напорната работа на голема професионална екипа на една сложена, обемна и разновидна материја, изведбата на студентите, без сомнение, ќе биде запаметена“, вели Деканот на ФМУ – Скопје проф. м-р Гордана Јосифова-Неделковска.

Мјузиклот „Свирач на покривот“ е во режија на Цветан Стојановски, сценографија и избор на костими Зоран Николовски, додека кореографијата е на Олга Панго.

Заради големиот интерес на публиката ќе се одржи и претпремиерата на претставата на 8 декември во салата на Македонската опера и балет, со почеток во 20.00 часот.

Премиерата на мјузиклот „Свирач на покривот“ ќе се одржи на 9 декември во салата на Македонската опера и балет, со почеток во 20 часот. Влезот и на двете претстави е слободен.

 


Врати се горе ↑