Македонија тајно моја

1 март, 2017

Премиерата на „Тајно моја“ наместо на 10, на 24 март

Наместо на 10 март, премиерата на првиот македонски мјузикл во чест на Тоше Проески, „Тајно моја“, се презакажува за 24 март, првата реприза ќе се одржи на 26, а втората на 28 март, соопштија од МОБ.

Мјузиклот „Тајно моја“ е проект во копродукција со фондацијата Тоше Проески“, во чест на најголемата македонска музичка ѕвезда по повод 10 години од неговата прерана смрт. Мјузиклот ја следи љубовната приказна на млад пар. Нивната љубов пламнува за миг, но нивните разлики ќе ја доведат нивната љубов во прашање… Македонски „Ромео и Јулија“, сместени во периодот на транзиција, на почетокот на 21. век. Време кога љубовта ги милува и освојува сите срца преку нотите и стиховите на Тоше Проески. Но, можат ли љубовта и музиката да го спасат светот? Двата чина на мјузиклот „ТАЈНО МОЈА“ ќе се обидат да дадат одговор на ова прашање и на уште многу други прашања поврзани со другарството, пакоста, алчноста, осаменоста, желбата да се успее, стравот, надежта и љубовта.

Мјузиклот е базиран на голем број музички хитови на Тоше Проески, како „Тајно моја“, „Немаш ни благодарам“, „Игри без граници“, „Полско цвеќе“, „Усни на усни“, „Сонце во твоите руси куси“, „The Hardest Thing“ и други.

Режисер на мјузиклот ќе биде Тони Михајловски, а либретото, како што е веќе познато, е на на Огнен Неделковски. Сценограф е Марија Ветероска, костимограф Марија Пупучевска, а новите аранжмани на песните од Тоше ги работат Сони Петровски и Кокан Димушевски. Главните женска и машка улога ќе ги играат младите пејачи Антонија Гиговска и Денис Димоски, како победници на музичкиот натпревар „Кастинг талент шоу“.

Во мјузиклот ќе играат и актерите Игор Џамбазов и Весна Петрушевска, кои беа долгогодишни пријатели и соработници на Проески.



Врати се горе ↑