Настани 12595979_10208672730512598_685903376_n

25 март, 2016

Премиера на „Старицата од Калкута“ во велешкиот театар

Во недела, 27 март, на Денот на театарот, со почеток во 20 часот премиерно ќе биде изведена претставата „Старицата од Калкута“ од израелскиот автор Ханок Левин, во режија на Софија Ристевска-ПетрушеваВо претставата играат актерите: Васил Зафирчев, Кети Борисовска, Слободанка Чичевска, Фаик Мефаилоски, Славица Манаскова, Жарко Спасовски, Талија Настова. Сценографијата е на Филип Коруновски, костимографијата на Андреј Ѓорѓиевски, кореографијата и сценските движења на Кире Миладиноски, а музички соработник е Сашко Костов.

12884479_10208672731792630_720910807_n

Ханок Левин е израелски автор кој пишува за апсурдот на човековото постоење во дваесет и првиот век, а става и посебен акцент врз современиот начин на живот, што е максимално парадоксален и станува сè потежок и покомплексен, благодарение на борбата за профит и финансиско издигнување, што го наметнува либералниот капитализам што целосно не опкружува.

 „Старицата од Калкута“ е претстава создадена од кратките раскази на Левин, во коишто секојдневните апсурдни животни ситуации се максимално комично подсилени, за да се пренесе измореноста на поединецот од баналното секојдневие, а воедно и да се потенцира неговата самовљубеност, осаменост, алчност и искомплексираност.

12884637_10208672731512623_321890240_n

„Старицата од Калкута“, изобилува со ликови на „старици“, кои се симбол на неуспехот, самотијата и смртта, што константно се околу нас, и точно желбата и стратегијата на ликовите да ги избегнат овие околности, креираат комични и иронични ситуации, што оставаат призвук на безизлезот во којшто сите се наоѓаме. Старици кои се главни генерали на Кинеската Армија, волшебник што ги сече луѓето на две, но потоа никако не може да ги залепи, професори коишто ги учат своите ученици дека земјата е рамна, медицински прегледи на ректуми, од коишто се раѓаат необични љубови, семејни кавги за банални несогласувања, касиер и котролор што спорат во телевизиска емисија чија професија е поважна, се само неколкуте од сцените во претставата. „Старицата од Калкута“ е еден силен врисок за успокојување на забрзаниот и несреќен човек на дваесет и првиот век, кој е веќе многу изморен да игра по правилата на капиталот, нема сили да бега константно од смртта, којшто еднаш засекогаш сака да ја победи самотијата и има потреба од мир, спокојство и евентуална емоционална хармонија.

                                                                                         Софија Ристевска-Петрушева



Врати се горе ↑