Настани salonica

2 март, 2015

Премиера на „Солун, град на духови“ од Слободан Унковски

Театарот на Навигаторот Цветко денеска, 2 март 2015 година, во Музејот на холокаустот на евреите од Македонија премиерно ќе ја прикаже претставата „СОЛУН, ГРАД НА ДУХОВИ“. Претставата е во режија на Слободан Унковски, а текстот е од Русомир Богдановски, инспирирано од истоимената книга на Марк Мазовер. Драмската екипа е составена од Симона Димковска, Ивана Павлаковиќ, Наталија Теодосиева, Стефан Вујисиќ, Мартин Манев, Горан Ников, Владимир Петровиќ, а музиката е авторско дело на Златко Ориѓански. Претставата е направена со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија и на Музејот на холокаустот на евреите од Македонија.

Хрониката „СОЛУН,ГРАД НА ДУХОВИ“, христијани, муслимани и евреи 1430 –1950 од светски познатиот историчар и професор, Марк Мазовер, е објективна хроника на животот и случувањата во текот на пет века, во најзначајниот град на Македонија.  Опфаќа период од турското освојување на Солун во 1430 година, па се до депортацијата и холокаустот на 45.000 солунски евреи во логорот Аушвиц. Русомир Богдановски инспириран од оваа историска хроника развива документарно играна драма возбудлива по настаните, судбините на луѓето и течењето на времето.

Златко Ориѓански напиша повеќе оригинални песни и друга музика за оваа претстава, во духот на балканската музичка традиција.

 

Солун – град на духови е првиот дел од трилогијата која ќе ги опфати и Лерин – полиња жито, ридишта крв во 2015 година и Скопје – Скопје во 2016 година. Претставата се игра во Музејот на холокауст на евреите од Македонија, со почеток во 20 часот. Претпремиерата се одигра синоќа, на 1 март, а репризата е закажана за сабота, 7 март. Билетите се достапни на влезот на Музејот на холокауст на евреите од Македонија.



Врати се горе ↑