Македонија for

5 декември, 2015

Премиера на мјузиклот „Свирач на покривот“‏

Оваа година се навршуваат 49 години од постоењето на Факултетот за музичка уметност во Скопје. чиишто завршени студенти сиве овие години заземаат значајно место во музичкиот живот на земјава, но и надвор од неа. По тој повод, на 9 декември во салата на Македонската опера и балет ќе се изведе мјузиклот „Свирач на покривот“ (Fiddler on the Roof), од американските автори –  композиторот Џери Бок и Шелдон Харник, кој е автор на текстот, според книгата на Јосеф Штејн.

„Свирач на покривот“ е мјузикл во два чина, а неговото дејствие се случува во далечната 1905 година, во тогашна Царска Русија. Во центарот на случувањата е животот на Тевје со неговите пет ќерки, и неговите настојувања да ја одржи еврејската религија и еврејските културни традиции во своето семејството, постојано борејќи се со општеството и надворешните влијанија.

Учесници на мјузиклот се студенти од скоро сите катедри на факултетот, хорот „Драган Шуплевски“ подготвуван од проф. Сашо Татарчевски, и симфонискиот оркестар предводен од проф. Саша Николовски Ѓумар. Мјузиклот „Свирач на покривот“ е во режија на Цветан Стојановски, додека кореографијата е на Олга Панго.

Заради големиот интерес на публиката ќе се одржи и претпремиерата на претставата на 8 декември во салата на Македонската опера и балет, со почеток во 20.00 часот.

Премиерата на мјузиклот „Свирач на покривот“ ќе се одржи на 9 декември во салата на Македонската опера и балет, со почеток во 20 часот.

Влезот и на двете претстави е слободен. Резервации на места на fmu@fmu.ukim.edu.mk или 02/ 3 16 16 14 најдоцна до 6.12.2015 година, 16.00 часот.

            Не го пропуштајте овој неповторлив настан!!!!!!!



Врати се горе ↑