Македонија

18 јануари, 2018

Премиера на „Македонисимо“ во лондонски „Вигмор хол“

Пијанистот Симон Трпчевски заедно со Александар Краповски на виолина, Александер Сомов на чело, Хидан Мамудов (кларинет, саксофон и кавал), и перкусионистот Влатко Нушев утревечер ќе настапи во престижниот „Вигмор хол“ во Лондон. Пред британската публика ќе го промовираат делото „Македонисимо“ – транскрипции на македонска традиционална музика напишана од композиторот Панде Шахов во соработка со Трпчески.

Овој проект му е посветен на македонскиот народ, пишува во најавата на концертот во „Вигмор хол“. Лондонската сала „Вигмор хол“ е една од најстарите во Британија и во неа настапуваат врвни светски музички ѕвезди.

Панде Шахов е македонски композитор што веќе две децении живее и работи во Велика Британија.

„Симболично, годината ќе почне со еден извонреден проект, кој ќе ја доживее својата британска премиера во Лондон во познатата сала ’Вигмор хол’. Тоа е ’Македонисимо’, проект инициран и осмислен од извонредниот Симон Трпчески, вистински амбасадор на нашата култура, а со овој проект, и на музичката традиција. Трпчески ми нарача дело за целовечерен концерт и јас напишав серија од шест сплета, со транскрипции од дваесет и три македонски ора и песни. Работата беше обемна и вклучуваше слушање брзи и виртуозни пасажи, запишување на мелодиите такт по такт, но и синтеза на традиционалниот звук на македонскиот фолклор со современи и комплексни хармонски и колоритни елементи. Делото е насловено ’Плетенки’ и се одликува со исклучително виртуозен и комплексен спој на петтемина вистински мајстори на своите инструменти. Покрај Трпчески, настапуваат Хидан Мамудов на кларинет, кавал и саксофон, Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело и Влатко Нушев на удиралки. Трпчески, покрај пијано, свири и на хармоника, а Нушев голем дел од концертот свири на традиционални инструменти, како тарабука и тапан“, вели композиторот Панде Шахов.

Неговиот ангажман, како што вели, бил многу повеќе од аранжман, амбицијата му била да ги вметне бисерите од нашата музичка ризница во својот звучен хоризонт, експериментирајќи со џез и импресионистички хармонии.

„Од друга страна, во одредени моменти, поставив очигледни мостови со музиката на Брамс, Шенберг и Рајх, преку цитати и карактеристични гестови. Овој начин на еклектично поврзување со музика на други композитори, својствено на Алфред Шнитке, на пример, е ново искуство за мене. Светската премиера беше во мај оваа година, на фестивалот ’Лудвигзбург шлосфестшпиле’ во Германија, по што следуваше и гостувањето на ’Љубљанско лето’, вели Шахов.

По Лондон, проектот „Македонисимо“ патува за Полска, Франција, повторно во Германија, а потоа следува Амстердам, во познатата сала „Концертхгбау“.

„Особено сум среќен што во јануари материјалот ќе го снимиме со еден од најдобрите британски продуценти. Искуството да се работи со овие петмина исклучително талентирани, искусни и професионални виртуози е несомнено нешто највредно во мојата професионална кариера, и времето поминато во макотрпна заедничка работа на оваа необично комплексна партитура ќе остане во моите сеќавања како еден од врвовите на мојот творечки пат. Не сум етно-музиколог и не би се осмелил да го истражувам или оценувам македонското музичко наследство, но работата на овој проект, токму поради стручноста и љубовта кон традицијата што ја негуваат петте музичари, ме направи уште поголем почитувач на нашата музичка ризница“, вели македонскиот композитор.

Извор и фотографија: Нова Македонија



Врати се горе ↑