Македонија tose

15 јануари, 2013

Премалку за крај: Последните стихови на Тоше (обновено)

Последната песна на трагично загинатата ѕвезда Тоше Проески која е пронајдена во демо верзија во неговиот стар лап топ, ќе биде објавена на 25-ти јануари, денот на неговиот роденден. Пред официјалната промоција, спрски Курир ексклузивно ги објави стиховите на песната насловена „Све је ово премало за крај“. Бројните фанови од целиот регион со нетрпение ја очекуваат промоцијата во Спомен-куќата во родното Крушево.

Автори на песната се Јелена Трифуновиќ, која го напиша текстот и Никша Братош, кој се погрижи за музиката и аранжманот.

„Тоше беше одушевен од нумерата, која ја купи кога неговиот последен албум веќе беше готов. Му се допадна и сакаше да ја има за себе. За жал, поради трагичниот настан никогаш не ја сними во студио. Искрено и јас бев многу изненадена и трогната кога ми кажаа дека ја пронашле во неговиот стар компјутер и дека ја отпеал на клавир. Сам, за своја душа. На снимката дури се слуша и лаењето на кучето бидејќи веројатно прозорецот му бил отворен. Исто така, кажано ми е дека отпеал само половина строфа, а некои делови требало да ги преработат и чистат компјутерски. Не сум ја слушнала финалната верзија, но не се сомневам дека е волшебна“ – изјавила Јелена, која инаку е автор на многу хитови од најголемите српски ѕвезди.

Како што пренесува Дневник, за оваа нумера е снимен и видео запис кој го изработи „Аворд филм и видео“, а како главни ликови во него се појавуваат момче и девојка. Во делови ќе бидат вметнати досега необјавени снимки со Проески.

„Со цел „Све је премало за крај“ да заживее и на ТВ-екраните решивме да ја визуализираме и со спот. Подолго време со тимот размислувавме каков пристап да имаме при неговата изработка. Имаше повеќе идеи, но се решивме за најдобрата варијанта која верувам дека ќе ѝ се допадне и на публиката – вели Славен Ристески од фондацијата „Тоше Проески“.

Спотот ќе биде претставен во рамките на специјалната програма која се подготвува за одбележувањето на денот на раѓањето на легендарниот пејач, а ќе се одржи на 25-ти јануари во Спомен-куќата на Тоше Проески со почеток во 11 часот.

Во продолжение прочитајте ги стиховите на песната „Све је ово премало за крај“.

Ту на твоме двору нисам више краљ
Да се поздравим с тобом, то не могу, знај
Све је ово премало за крај
Све је ово премало за крај
Само никоме о томе не причам
Још ти сваки грех претворим у сјај
Све је ово премало за крај

РЕФРЕН
Нећу више да те волим, не
Кажем, али знам да касно је
Остављен и сам у свом очају
Ја још живим као да си ту…

Извор: Kurir-info.rs



Врати се горе ↑