6 април, 2014

Прекрасна рок верзија на евергринот „Признавам“ од Маријана и Росана

Иако младите музичари најчесто прават преработки на странски хитови, секогаш повеќе нè радува кога ќе слушнеме малку поинаква верзија на домашен хит, особено кога доаѓа до израз нивната креативност. Токму таков е случајот со „Шекспир бенд“ (SheXpeare Band) од Кочани во кој членуваат Магдалена Иванова (вокал), Јордан Теодосиев (гитара), Драган Теодосиев (тапани и придружен вокал), Александар Стојанов (бас, клавијатура, придружен вокал) и Славица Стојанова (придружен вокал). Иако на нивниот репертоар најчесто се наоѓаат странски поп и рок хитови, сепак решија да направат своја верзија на еден од најпознатите македонски евергрини, песната „Признавам“ со која Маријана и Росана се претставија на фестивалот „Макфест“ во далечната 1989 година. Овој хит сега доби своја рок верзија, а за видеото кое можете да го погледнете и слушнете горе се погрижи Јордан Манов. Уживајте!

Ако Ви се допаѓа како звучи овој талентиран состав, повеќе нивни преработки на хитови можете да слушнете на нивната фан страница на Фејсбук.



Врати се горе ↑