Свет article_big_1361817165official_charts_company_site_screenshot

26 февруари, 2013

Прегледите од YouTube нема да се сметаат на Британската листа

Како што пренесовме минатата недела, агенцијата Nielsen SoundScan донесе одлука за промена на правилата за „пресметување“ на слушаноста (од сега и „гледаноста“) на музичките изданија, односно од сега за пласман на листа како што е американската Billboard Hot 100 листата на синглови, покрај продажбата и емитувањата на радио, во предвид ќе ги зема и броевите од стриминг сервисот како што е ЈуТјуб. Ова би требало да ги реши проблемите кои ги имал, на пример Псај со познатиот хит „Гангнам Стајл“, кој и покрај тоа што е видео запис со најмногу прегледи и допаѓања, не успеа да го освои врвот на листата, па на Hot 100 највисоко се пласирала до втората позиција. Првиот успех со новиот начин на пресметување на позициите на листата (формулата 35-45% податовци за продажбата на изданието, 30-40% од радио емитување + 20-30% статистика за стриминг, односно прегледување и преслушување на одредена музичка нумера) го имаше диџеј Бауер со „виралниот“ спот за песната „Харлем Шејк“.

Меѓутоа, ова предизвикало контроверзни реакции и во медиумите и меѓу музичарите; додека некои сметаат дека ова ќе им помогне на новите и сè уште неафирмирани изведувачи да постигнат подобра „стартна позиција“ со добро прифатени песни на социјалните мрежи, други сметаат дека овој потег дополнително ќе го подвлече порастот на важноста на видео клиповите во однос на самата музика и ќе ги натера издавачите уште повеќе да се фокусираат на „виралните“ видео проекти. Сега се огласил и Мартин Талбот, извршен директор на британската Official Charts Company, кој изјавил дека британската листа нема да го следи примерот на колегите од САД. За BBC Newsbeat, Талбот изјавил:

„Американската Hot 100 листа никогаш не била базирана исклучително на продажбата на изданијата и уште од педесеттите години на минатиот век ги вклучува и податоците од емитувањето на радио. За разлика од нив, британската Official Singles Chart е базирана исклучително само на продажбата на музичките изданија уште од своето основање во 1952 година. Ако го земеме во предвид фактот што сингловите сега се продаваат повеќе од секогаш, како и тоа што продажбата на сингловите бележи континуитет во порастот во периодот од претходните девет години, во моментов немаме никакви планови да ги вклучуваме и информациите од стриминг сервисите во пресметувањето на позициите.“

Извор: NME/MTV



Врати се горе ↑