Македонија 11224381_10152753374517382_8182983886093243394_n

15 мај, 2015

Познати сите учесници на „Макфест 2015“

Во пресрет на јубилејното 30. издание на фестивалот на забавни мелодии „Макфест 2015“, деновиве се одржа прес-конференција на која беа објавени сите учесници за годинава, а беше извлечен и редоследот на настапи. Фестивалот годинава ќе се одржи на 3, 4 и 5 јуни на добро познатата локација – Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип. Како и минатата година, 30 изведувачи во придружба на ревискиот оркестар на МРТ ќе настапат во рамките на двете полуфинални вечери (по 15 во секоја), а само по 9 од нив ќе влезат во финале, соопшти директорот на фестивалот, Дарко Мијалковски.

Уметничкиот директор Оливер Арсовски, го искажа задоволството од тоа што оваа година имало испратено многу квалитетни песни на конкурсот и тешко им било да ги одберат песните. Техничкиот директор Трајче Јованов кажа дека оваа година ќе се преземат сите мерки за да се спречат сите стапици во гласањето кои се случија на последните фестивали. Годинава ќе се гласа со СМС пораки, кои 30% ќе влијаат во изборот на финалистите и победникот, додека останатите 70% ќе им припаднат на членовите на жирито кое ќе биде интернационално и составено од двајца претставници од Македонија и тројца од странство, а нивните имиња ќе се држат во строга тајност поради спречување на секакво влијание и притисок.

Оваа година за разлика од претходните нема да има гласање со влезниците за фестивалот бидејќи организаторите решија во пресрет на 30-годишниот јубилеј да ги подарат сите влезници како благодарност за верната публика која цели 30 години го следи „Макфест“. И оваа година фондот на награди е доволно примамлив. Освојувачот на првото место ќе добие 10.000 евра, за второпласираниот се предвидени 7.500 евра, додека третонаградената композиција ќе биде наградена со 5.000 евра во денарска противвредност. Исто така ќе има награда од по 1.000 евра за најдобриот дебитант, сценски настап и аранжман.

Водители на „Макфест“ оваа година ќе бидат Марјана Станојковска и Марко Новевски, а фестивалот ќе го пренесува во живо МРТВ, чиј ревиски оркестар ќе ги придружува пејачите во изведбата на песните на макфестовската сцена.

Ова е редоследот на настапите во првата и втората полуфинална вечер:

Прва полуфинална вечер

1. „Миг до вечност“, Евгенија Чанчалова
2. „Ова е крај“, Александра Кукушев
3. „Живеев за нас“, Дејан Тасев
4. „Ако љубов е“, Ѓоко Танески
5. „Последно танго“, Влатко Илиевски
6. „Ќе те чувам“, „Маротов бенд“
7. „Жал ми е“, Димитар Андоновски
8. „Те молам врати се“, Огнен Здравковски
9. „После сè“, Теодора Зеровска
10. „Што ми правиш ти“, Маја Вукичевиќ
11. „Срце да се отвори“, Јоце Панов и Зуица Лазова
12. „Биди тој што си“, Игор Митровиќ
13. „Ни јас ни ти“, Виктор Апостоловски
14. „Кога љубовта не е дозволена“, Верче Пандиловска
15. „Ако мене ме немаш“, Дејан Стојанов

Втора полуфинална вечер

1. „Да не те знам“, Даниел Данн
2. „Ти си само сон“, Александра Михова
3. „Лажи ме“, Александра Андова
4. „Најсреќна“, Лена Заткоска
5. „Кој што ме чуе да пеам“, Панче Илиев и Иле Кикиритков
6. „Сакај ме“, Марјан Стојановски
7. „Диви цветови“, Бојана Атанасовска
8. „Брод на разделби“, Ивана Наумова
9. „Тешко време“, Ивона Јовановиќ и „Рафинерија“
10. „Љубовта е сè што ми треба“, Наде Талевска
11. „Ако не ми требаш“, Зоран Илиев
12. „Каде и да си“, Наташа Малинкова
13. „Купи ме“, „Браво бенд“
14. „Журка“, Горан Наумовски
15. „Како небо и земја“, Дарко Илиевски



Врати се горе ↑