Македонија макфест

6 октомври, 2017

Познати сите финалисти за „Макфест 2017“

Веќе се познати сите 18 финалисти што ќе се натпреваруваат во утрешното финале на „Макфест 2017“, кога публиката ќе одлучи кој ќе ја понесе победата на 32. издание на популарниот фестивал. Вкупно 15 композиции беа дел и од оваа втора полуфинална вечер, исполнета со одлични песни и интересни сценски настапи.

Меѓу изведувачите видовме дел добро познати имиња од естрадата, дел нови надежи, како и трите гостинки од Финска, Азербејџан и Белорусија. Вечерта ја отвори Ана Костовска со нејзината „Сега друго е“, по неа „Опасен вирус“ имаше Боби Мојсовски, Соња Бишоп од Финска пееше за „Земјата на нејзината песна“, групата „Македон“ ни кажаа која „Разболела се“, а Наде Талевска раскажа „Приказна за нас“.

Следната петка ја започна Антонија Гиговска, која воодушеви со „Погледни ме“, Тања Би го претстави својот „Трепет“, „Девојките“ или „Чикс“ пееја за „Боите на љубовта“, Мартинијан Кириловски нè обли со неговите „Дождови“, а Влатко Илиевски ја опеа својата „Вила вилена“.

За првпат на макфестовската сцена запеа и талентираната богданчанка што на регионалниот „Х фактор“ ја опишаа како македонската Џенис Џоплин – Марија Ичкова, која ја отпеа „Одговори ми“, а веднаш по неа својот 4. роденден го прославија „Само Тони и две жени“, кои за првпат на „Макфест“ запеаја со „Луда мала“. Последните три дами што настапија оваа вечер беа гостинките од Азербејџан и Белорусија, Елвира Мичиева и Ѓунеш, како и битолчанката Марија Груевска, која откри кој ја прави среќна.

Како и претходната вечер, заради пребројувањето на гласовите од публиката во салата, конечните резултати беа објавени подоцна, на официјалната веб страна на фестивалот, а вторите 9 финалисти што продолжуваат во утрешното финале се следните:

финалисти 2

Сите 18 финалисти утревечер ќе се натпреваруваат за вредни награди, кои изнесуваат 5.000 евра за прво место, 4.000 евра за второ и 3.000 евра за трето место, додека по 500 евра ќе освојат добитниците на наградите за најдобра вокална изведба, најдобар аранжман, најдобар дебитант и најдобар сценски настап. За сето тоа ќе одлучува публиката во салата и онаа пред ТВ екраните, која ќе гласа по пат на СМС пораки. Редоследот на настапи ќе биде утврден со влечење жрепка на утрешната новинарска конференција.

Преносот во живо повторно ќе биде на првата програма на МРТ, со почеток од 20.30 часот, а за време на ревијалниот дел ќе настапи двократната победничка на фестивалот, Александра Јанева. Честитки на сите финалисти и среќно!

И.Ј.



Врати се горе ↑