Македонија 12243040_1688191628059917_6848332530559441885_n

11 ноември, 2015

Познати сите детали за „МАРС 2015“

Годинешното, осмо по ред издание на Македонскиот радиски фестивал „МАРС 2015“ ќе се одржи на 24 ноември во Македонската опера и балет, а на денешната прес конференција беа откриени сите детали за настанот. КЦ  „Александар Македонски“ се јавува како организатор и продуцент на фестивалот, кој како и до сега е финансиски поддржан од градот Скопје. На него и овој пат ќе бидат избрани најпопуларните радиски хитови  на годината, селектирани од над 40 радиостаници ширум Македонија кои до организаторот ги испратија своите листи со највртени македонски хитови во тековната година.

Од над 600 селектирани песни испеани од повеќе од 100 домашни изведувачи, по пат на пристигнатата радио-селекција најзастапените хитови во македонскиот радиоетер се се најдоа на финалната вечер на „МАРС 2015“ во избор за наградувани радиски хитови на годината. „МАРС 2015“  како и до сега ќе биде со директен ТВ пренос  проследен на МТВ1.  На првиот прес е јавно  претставен и изборот на селектираните радиски хитови за  кои публиката ќе може да гласа по пат на ставање лајк на фан страницата на МАРС 2015 на Фејсбук, а истите ќе настапат и на финалната вечер.

Ова е финалната радиоселекцијата на изведувачите и нивните радиски хитови на „МАРС 2015“.

ФИНАЛНА ЛИСТА НА УЧЕСНИЦИ

  1. ТЕА – „Доста глумиме
  2. ТАМАРА & Д.Н.К. – „Фрази љубовни
  3. ДАНИЕЛ КАЈМАКОСКИ  – „10 лета
  4. НЕКСТ ТАЈМ  – „Ја излези Ѓурѓо
  5. ЛОЗАНО – „Како тебе нема друга
  6. ТАЈЗИ – „Амор
  7. ЕЛЕНА РИСТЕВСКА  – „Доживотно
  8. АЈ КЈУ – „Колку пати
  9. МИКИ ЈОВАНОВСКИ ЏАФЕР – „Рок на траење
  10. КАЛИОПИ –  „Мојот дом
  11. ТАРА – „Сакам, не сакам

Во ревијалниот дел на „МАРС 2015“ ќе се појават две еминентни музички имиња од регионот – српската етно поп дива Јелена Томашевиќ и босанскиот поп пејач Хари Мата Хари, кои со своето присуство и изведбата на своите хитови ќе  ја увеличаат програмата и го подигнат нивото и рејтингот на фестивалот.

Двете регионални музички ѕвезди ќе  ја понесат наградата за музичка но и медиумска популарност во регионот, заради своите хитови, вокални квалитети но  и медиумското присуство на радиостаниците и особено ТВ  како членови на жирито на попоуларното и многу гледано кај нас музичко талент шоу – „Пинковите ѕвездички“.

И годинава претходно селектираните хитови од финалната селекција по категории ги оценуваше и наградуваше 12-члено жири составено од преставници на исто толку национални и локални радиостаници од различни региони во Македонија, чии имиња заради евентулни можни злоупотреби, лобирања или притисоци,  се држат во тајност сè до самиот ден на фестивалот.

Изведувачот чија ќе биде прогласена за апсолутен радиски хит на 2015 година; добива парична награда од 60.000 денари, а организаторот на Македонскиот радиски фестивал ќе му/ѝ овозможи бесплатно да ја користи салата на КЦ „Александар Македонски“ за свој солистички концерт. 

Изведувачот на песната која ќе добие најмногу лајкови од фановите на Фејсбук фан страницата на „МАРС 2015“ и како нивни избор ќе добие награда од 30.000 денари и исто така можност бесплатно да ја користи салата за свој солистички концерт.

И конечно наградата од 10.000 денари ќе ја понесе авторот на најдобар текст на една од финалните песни. 

Оваа награда традиционално ја избираат естрадните новинари од дневните весници, естрадните магазини и интернет портали во Македонија.

Наградите од програмата „МАРССтарс“ ќе ги добијат уште неколку  домашни имиња. Првата е специјално признание за особени заслуги во развојот, популаризацијата и афирмацијата на македонската музика во Македонија, која Македонскиот радиски фестивал „МАРС 2015“ ја доделува на една македонска музичка легенда.

Втората од програмата „МАРССтарс“, е наградата Ѕвезда што се раѓа и неа ќе  ја добие едно младо музичко име во Македонија кое има најголем напредок во кариерата во тековната година. Тука се уште наградите за најдобра преработка, партнерство за хит, најслушана песна од македонски изведувач во регионот… и сл.

Домаќини на осмото фестивалско издание на „МАРС 2015“ и овој пат ќе бидат две  еминентни и популарни водителски радио и ТВ ѕвезди: Марија Петровска од најгледанаиот естраден ТВ магазин „Бекстејџ” на МТВ1 и Ване Марковски, радиоводител на Радио Слободна Македонија и ТВ водител на Канал 5.

„МАРС 2015 за зедницата“ е традиционалниот хуманитарен аспект на Македонскиот радиски фестивал МАРС кој и годинава и покрај лимитираниот број на места и малиот капацитет на салата ќе им даде свој скромен придонес на оние на кои тоа им е најпотребно со одвојување на дел од средствата собрани од приходот од влезните билети кои и овој пат ќе бидат  донирани.

Според  сите новинарски написи, критики и извештаи кои се појавија во печатените и електронските медиуми сиве овие години, „МАРС“  беше оценет како успешно фестивалско издание, уникатна музичка манифестација како по својата организација, визуелна перцепција, бројот на квалитетни изведувачи и испеани хитови, така и по својата оригинална концепција и содржина.

И секако по интересот кој го побудува кај медиумите кои го следат  и поддржуваат, кај  изведувачите и авторите  како и пошироката јавност  што го докажува присуството на публика во салата и бројот на ТВ гледачите сиве овие години.

Сето ова со право го става рамо до рамо  во ред со  останатите  фестивалски смотри со многу подолга и поголема традиција кои се одржуваат во Република Македонија но и ширум  регионот, па и на целиот Балкан.

Со ова „МАРС“  ја исполнува својата зацртана цел од првиот ден на неговото воспоставување:  да ја селектира, презентира, потенцира, афирмира, популаризира и валоризира македонската забавна музика.  И секако,  да помогне нејзините автори, изведувачи и останати протагонисти да го добијат заслуженото место во општеството, а нивната работа и авторски дела да го продолжат своето постоење како дел од македонското културно живеење, културна вредност и конечно културна оставштина за сегашните и идни генерации.

ГЛАСАЈТЕ ЗА ВАШИОТ ОМИЛЕН РАДИСКИ ХИТ!



Врати се горе ↑