Свет Eurovision-logo-2013-radiomk

12 март, 2013

Познати се уште неколку евровизиски песни

Веќе е познат поголемиот дел од песните од првата и втората полуфинална вечер, а деновиве беа објавени и песните со кои ќе се претстават овогодинешниот домаќин Шведска, потоа Ерменија, Романија, Израел, Естонија и Унгарија. На шведскиот Мелодифестивален победи младиот пејач Робин Стјернбегр (Robin Stjernberg), кој ќе ја отпее песната насловена „You“, а бидејќи минатата година Шведска беше победник на Евровизиското шоу, песната ќе биде претставена на финалната вечер.

 

Ерменија годинава го праќа Гор Суџјан (Gor Sujyan) кој во продружба на Дорианс ќе ја отпее „Lonely Planet“, а неговиот настап ќе биде дел од првата полуфинална вечер.

 

Интересен е изборот на Романија, која годинава ќе го прати oперскиот контратенор Цезар со песната „It’s My Life“. Цезар ќе настапи во втората полуфинална вечер.

 

Позната е уште една песна која ќе ја чуеме на втората полуфинална вечер, кога настапува и Македонија. Станува збор за израелската песна „Rak bishvilo“, која на мајчин јазик ќе ја отпее Моран Мазор.

 

На првата полуфинална вечер ќе ја чуеме и претставничката на Естонија, младата пејачка  Birgit Õigemeel, која на мајчин јазик ќе ја отпее „Et uus saaks alguse“.

 

Унгарскиот претставник за годинава е инди-поп пејачот БајАлекс (ByeAlex) кој во втората полуфинална вечер на унгарски јазик ќе ја отпее „Kedvesem“.

 

Деновиве ја слушнавме и песната од Велика Британија (која ќе ја претставува Бони Тајлер), а сè уште не се објавени песните од Црна Гора, Азербејџан, Холандија, Молдавија, Сан Марино и Италија, како и нашата песна која деновиве ќе ја чуеме во изведба на Есма и Лозано. Сите песни ќе бидат познати најдоцна до 18-ти овој месец.



Врати се горе ↑