Видео Esc2015logo

22 мај, 2015

Познати се сите финалисти за „Евровизија 2015“

Откако беа одбрани првите 10 финалисти во првата полуфинална вечер во вторникот, вчера се одржа и втората полуфинална вечер во чии рамки се натпреваруваа 17 земји и тоа: Литванија, Ирска, Сан Марино, Црна Гора, Малта, Норвешка, Португалија, Република Чешка, Израел, Летонија, Азербејџан, Исланд, Шведска, Швајцарија, Кипар, Словенија и Полска. Како што е познато, само 10 од овие земји ќе имаат можност да се натпреваруваат во финале, така што збирот од гласовите на публиката и стучното жири одлучи тоа да бидат: Литванија, Полска, Словенија, Шведска, Норвешка, Црна Гора, Кипар, Азербејџан, Летонија и Израел.

Имајќи предвид дека во вторникот пласман за финале обезбедија Србија, Албанија и Грција, а вчера и Црна Гора и Словенија, Македонија е единствената земја од регионот којашто годинава не успеа да се квалификува за финалната вечер.

Литванските претставници Моника Линките и Вајдас Баумила, кои вчера имаа чест да настапат под реден број 1, си обезбедија пласман за финале со песната „This Time“, а како изгледаше нивниот настап синоќа можете да погледнете во продолжение.

 

„Во името на љубовта“ (In The Name Of Love) запеа Моника Кушинска, која одлично ги одбрани боите на Полска. Слично како и мотото на манифестацијата (Градиме мостови), пејачката со својата песна порача да изградиме мостови на толеранција, во името на љубовта.

 

Сосема очекуван беше пласманот во финале за дуото „Мараја“, составено од сопружниците  Марјетка и Алеш Вовк, чија песна „Here For You“ е една од фаворитите за годинава. Интересно е тоа што еден од авторите на песната е американскиот текстописец Чарли Менсон, кој се потпишал на хитови за бројни светски ѕвезди, како и на минатогодишната победничка тема „Rise Like a Phoenix“ од актуелната евровизиска кралица Кончита Вурст. Синоќешниот настап на претставниците на Словенија Ве очекува во продолжение.

 

Никој не се сомневаше ни во пласманот на шведскиот претставник Монс Зелмерлоу, кој веќе извесно време е најголемиот фаворит за победа. Младиот пејач, кој минатата недела гостуваше и во првата финална емисија во живо на „Х фактор, ја освои Европа со својот хит „Heroes“, а дали ќе биде овогодишниот евровизиски херој, ќе дознаеме в сабота.

 

Интересна песна имаа и претставниците на Норвешка, Кјетил Морлан и Дебра Скарлет, кои боите на својата земја успешно ги одбранија со темата „Monster Like Me“, а како изгледаше нивниот настап синоќа можете да погледнете во продолжение.

 

Иако доцнеше со претставувањето на песната, црногорскиот претставник Кнез ја одбра проверената формула за овој фестивал и за својата песна го ангажираше познатиот евровизиски хит-мејкер Жељко Јоксимовиќ, чии песни редовно се пласираат меѓу првите пет. Јоксимовиќ е автор на мелодијата и аранжманот, а стиховите на „Адио“ ги потпишуваат  Марина Туцаковиќ и Дејан Ивановиќ. Како изгледаше синоќешниот настап на Кнез можете да погледнете во продолжение.

 

Претставникот на Кипар за годинава е Џанис (Џон) Карагианис, кој успеа да обезбеди пласман за финале со песната „One Thing I Should Have Done“, чии автори се самиот Карагианис и Мајк Конарис. Интересно е тоа што Конарис претходно се потпишал како автор на хитот Stronger Every Minutе, со која Лиса Андреас ги бранеше боите на Кипар во 2004 година, кога го достигна најдобриот резултат досега, освојувајќи го петтото место. Оваа земја годинава се врати на „Евровизија“ по пауза од една година, а како изгледаше настапот на Карагианис можете да погледнете во продолжение.

 

Азербејџан годинава го испрати 28-годишниот Елнур Хусејнов, кој се натпреваруваше на „Евровизија“ и во 2008 година, како дел од дуото Елнур и Самир, освојувајќи го осмото место во финалето. Познатиот пејач победи и на турската верзија на натпреварот „Гласот“ (The Voice), а неговиот настап со песната насловена „Hour of the Wolf“ Ве очекува во продолжение.

 

Со авторска композиција се претстави 22-годишната Амината, која во името на Летонија ја отпеа песната „Love Injected“, а како изгледаше нејзиниот настап можете да погледнете во продолжение.

 

Последниот финалист од оваа вечер е 16-годишниот Надав Геџ од Израел, кој со својата песна „Golden Boy“ направи вистинска забава на сцената, а како изгледаше сето тоа погледнете во продолжение.

 

Доколку ја пропуштивте синоќешната втора полуфинална вечер, можете да ја прегледате на „Јутјуб“.

20-те финалисти од двете полуфинални вечери в сабота ќе им се придружат на земјите од „големата петка“ – Обединетото Кралство, Франција, Италија, Шпанија и Германија, како и домаќинот Австрија и гостинот Австралија. Веќе е познат и редоследот на настапи за финалето, така што честа да ја отвори вечерта им припадна на дуото „Мараја“ од Словенија, а последни, 27. по ред ќе настапат момците од триото „Ил воло“, кои ќе ги бранат боите на Италија и кои заедно со Шведска се најголемите фаворити за победа.

Редоследот на настапи Ве очекува во продолжение, a погледнете и како ќе изгледаат настапите на претставниците на земјите од „големата петка“, Австрија и Австралија.

  1. Словенија (Мараја – Here For You)
  2. Франција (Лиса Анжел – N’oubliez pas)
  3. Израел (Надав Геџ – Golden Boy)
  4. Eстонија (Елина Борн и Стиг Раста – Goodbye to Yesterday)
  5. Обединетото Кралствo (Електро велвет – Still In Love With You)
  6. Ерменија (Џенеалоџи – Face The Shadow)
  7. Литванија (Моника Линките и Вајдас Баумила – This Time)
  8. Србија (Бојана Стаменов – Beauty Never Lies)
  9. Норвешка (Кјетил Морлан и Дебра Скарлет – Monster Like Me)
  10. Шведска (Монс Зелмерлоу – Heroes)
  11. Кипар (Џанис Карагианис – One Thing I Should Have Done)
  12. Австралија (Гај Себастијан – Tonight Again)
  13. Белгија (Лоик Ноте – Rhythm Inside)
  14. Австрија (Мејкмејкс – I Am Yours)
  15. Грција (Марија Елена Киријаку – One Last Breath)
  16. Црна Гора (Кнез – Адио)
  17. Германија (Ан Софи – Black Smoke)
  18. Полска (Моника Кушинска – In The Name of Love)
  19. Летонија (Амината – Love Injected)
  20. Романија (Волтаж – De la capat)
  21. Шпанија (Едурне – Amanecer)
  22. Унгарија (Боги – Wars For Nothing)
  23. Грузија (Нина Сублати – Warrior)
  24. Азербејџан (Елнур Хусејнов – Hour of The Wolf)
  25. Русија (Полина Гагарина – A Million Voices)
  26. Албанија (Елајда Дани – I’m Alive)
  27. Италија (Ил воло – Grande amore)

И.Ј.

 



Врати се горе ↑