Видео Esc2015logo

8 јануари, 2015

Познати евровизиските песни за Албанија и Белорусија

Непосредно пред крајот на 2014 година, Албанија и Белорусија ги избраа своите претставници за јубилејното 60. издание на „Евровизија“, кое годинава ќе се одржи во Виена, Австрија.

Албанскиот „Festivali i Këngës“ се одржуваше последниот викенд од минатата година, а во рамките на двете полуфинални вечери се претставија 26 изведувачи, од кои 18 се пласираа во финалето. Победничката композиција насловена „Diell“ ја отпеа 21-годишната Елајда Дани (Elhaida Dani), која во 2008 година се прослави со учеството на фестивалот „Kënga Magjike“, како и „Стар академи Албанија“ во 2009, но уште поголем успех постигна во 2013 година кога учествуваше и победи во првата сезона од музичкиот натпревар „The Voice“ во Италија, освојувајќи 70% од гласовите на публиката. Покрај победата на овој натпревар, Елајда триумфирала и на фестивали во Романија и Бугарија, како и на „Сунчане скале“ во Цра Гора.

Емотивната балада, со која ќе ги брани боите на својата земја, е дело на Алдо Шлаку (музика), Виола Требицка и Сокол Марси (текст), а како звучи сето тоа можете да слушнете во продолжение.

 

Белорусија, пак, за свои претставници годинава ги избра Јузари и Мајмуна. 23-годишниот пејач Јуриј Навротски, кој стои позади псевдонимот Јузари, ги здружи силите со 34-годишната виолинистка по потекло од Русија, а нивната заедничка тема насловена „Time“ е дело на самиот Јузари, додека текстот го потпишува Светлана Гераскова. Како звучи сето тоа можете да слушнете во продолжение.

 

Вклучувајќи ја „Лисја есенски“ на Даниел, досега имавте можност да ги слушнете и „Warrior“ на Амбер од Малта, како и „Walk Along“ на Трејнќе Оштерхаус од Холандија. За Црна Гора, Белгија и Сан Марино се познати само имињата на изведувачите, а тоа се Кнез, Лоик Ноте и Мишел Перниола со Анита Симончини. 

На јубилејното 60. издание на Евросонг официјално ќе се натпреваруваат 39 земји. По пауза од една година се враќаат Србија и Кипар, како и Република Чешка, а од регионот ни годинава нема да видиме претставници од Босна и Херцеговина, Бугарија и Хрватска. Со оглед на тоа што бројот на земји учеснички е непарен, организаторите одлучија во првата полуфинална вечер да настапат 16, а во втората 17 земји. По 10 земји од двете полуфинални вечери ќе им се придружат на „големата петка“ – Франција, Германија, Италија, Шпанија, Велика Британија и домаќинот Автрија во големото финале закажано за 23 мај. На 26 јануари ќе биде одредено кои земји во кои полуфинални вечери ќе настапат, а настанот ќе биде пренесуван во живо на Eurovision.tv.

И.Ј.



Врати се горе ↑