Свет 12572975_10153402546830748_6271484836627639250_n

16 јануари, 2016

Познати добитниците на „Греми“ за животно дело

Џез легендата Херби Хенкок, рок бендот „Џеферсон ерплејн“, раперите од „Ран ди-ем-си“, диско легендите „’Рт, уинд енд фајр“, како и голем број други ѕвезди ќе ја добијат престижната награда „Греми” за животно дело за 2015 година. Ова признание се доделува секоја година на уметници кои имале значителен придонес за музичката индустрија и културата како целина.

Награда за животно дело ќе добијат и пејачката Линда Ронстад, кубанската пејачка Селија Круз, една од најпопуларните пејачки во Латинска Америка која почина во 2003 година, како и кралицата на блуз музиката Рут Браун, која почина во 2006 година.

Со најголем број номинации оваа година е раперот Кендрик Ламар, кој е во трка за дури 11 златни грамофони, а веднаш зад него се Тејлор Свифт и канадската ѕвезда Викенд, со по 7 номинации. Британската пејачка Адел, чиј албум „25“ е прогласен за најпродаван албум во светот во 2015 година, не се најде на списокот на номинации, бидејќи албумот е издаден по рокот за пријавување.

Најпрестижните музички награди по 58. пат ќе бидат доделени на 15 февруари, во центарот „Стејплс“ во Лос Анџелес. Во улога на водител, веќе петта година со ред, ќе го видиме познатиот музичар Ел-ел Кул Џеј, а меѓу изведувачите веројатно ќе се најдат Бруно Марс, Лејди Гага, Викенд, Кери Андервуд, Сем Смит и Кендрик Ламар.



Врати се горе ↑