Свет

12 јуни, 2019

Познати датумите на следните три доделувања на Оскарите

Годинашното доделување на академските филмски награди, познати и како Оскарите, помина во знакот на промените, а освен што беше скратено времетраењето на церемонијата, за првпат по 30 години настанот немаше официјален водител. Сето тоа придонесе Академијата и американската телевизиска мрежа Еј-Би-Си да почнат со долгорочно планирање на оваа свеченост, па веќе е утврдено кога ќе се одржат следните три доделувања на престижните статуетки.

Имено, 92. доделување в година ќе се одржи на 9 февруари, што е невообичаено ран термин, додека 93. доделување е планирано за 28 февруари 2021 година, а следната 2022 година за 27 февруари, бидејќи земени се предвид одржувањето на Олимписките игри, „Супер боул“ и празниците. Традиционално, сите свечености ќе се одржуваат во недела, а голема е веројатноста повторно да нема водител.

Номинациите за 92. доделување на Оскарите ќе бидат познати на 3 јануари 2020, а гласањето за нив ќе заврши на 4 февруари, соопштија од Академијата. Традиционална е и локацијата на одржување на настанот – театарот „Долби“ во Холивуд – а Еј-Би-Си ќе врши директен пренос во 225 земји и територии низ целиот свет.

 

 



Врати се горе ↑