Балкан eurovision-2016

12 јануари, 2016

Позната првата песна за „Евровизија 2016“

Позната е првата од 43-те песни што во мај годинава ќе се натпреваруваат за титулата Песна на Евровизија за 2016 година, а тоа е темата „Përrallë“ (Бајка), со која 33-годишната Енеда Тарифа ќе ги брани боите на нашиот западен сосед Албанија. Пејачката триумфираше на 54. издание на „Festivali i Këngës“, кое се одржа неколку дена пред крајот на 2015 година. Нејзината песна е комплетно авторско дело на Олса Тоќи, а победничкиот настап на познатиот фестивал можете да го погледнете во продолжение.

 

Како што е познато, на 61. издание на популарниот европски фестивал ќе се натпреваруваат дури 43 земји, што е рекорден број за изминативе неколку години, а по пауза од неколку години повторно учество ќе земат речиси сите земји од Балканот. Покрај Албанија, засега се познати само имињата на претставниците од неколку земји, меѓу кои и Македонија. Ерменија годинава ќе ја прати Ивета Мукучјан, Босна и Херцеговина повторно ќе ја претставува Дин, заедно со Далал Мидхат-Талакиќ и хрватската виолончелистка Ана Руцнер, боите на Кипар ќе ги брани рок-групата „Мајнус уан“ (Minus One), а на Грузија – Ника Кочаров со „Младите грузијски Лолити“ (Young Georgian Lolitaz). Црногорските претставници се момците од групата „Хајуеј“, Холандија го праќа кантавторот Дауе Боб, а боите на Русија ќе ги брани Сергеј Лазарев.

Наша претставничка повторно ќе биде незаменливата Калиопи, која својата евровизиска песна би требало да ја претстави во текот на следниот месец. И за оваа евровизиска приказна пејачката ќе ги здружи силите со нејзиниот долгогодишен соработник Ромео Грил, а во која полуфинална вечер ќе настапи на фестивалот ќе дознаеме на 25 јануари, кога ќе се влече жрепка за распределба на земјите во двете вечери.



Врати се горе ↑