Македонија makfest2014

7 јуни, 2014

Познат редоследот на песни за финалната вечер на „Макфест 2014“

Вчеравечер во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип се одржа и втората фестивалска вечер од 29-тото издание на „Макфест“ во чии рамки се претставија преостанатите 15 од вкупно 30 изведувачи кои се натпреваруваат годинава. Исто како и првата вечер, така и вчера влез во финале обезбедија само 9 натпреварувачи со што се комплетира списокот на 18 финалисти кои вечерва ќе се борат за вредните награди кои достигнуваат и 20 000 евра за прво место.  Од втората полуфинална вечер во финалето на фестивалот продолжуваат: Елвир Мекиќ, Миле Кузмановски, Горан Наумов, Наташа Малинова, Кристијан Мицев, Мартинијан Кириловски, Тамара Тодевска, Влатко Илиевски и Биба Додева. 

Од вкупно 3888 пораки, односно гласови од публиката кои пристигнаа вчера, најголем број (479) собра Елвир Мекиќ, малку позади него е и Биба Додева (476), како и Миле Кузмановски (467). Тесна трка се водеше помеѓу Тамара и Александар Тарабунов со само 7 гласа разлика, што резултираше пласман за финале само за Тамара (204). За жал, Тара со 197 гласа за влакно не успеа уште повесело да го прослави својот роденден. Гласовите за сите изведувачи од синоќа можете да ги видите на официјалната страна на.

Во ревијалниот дел од натпреварот вчера настапи Даниел Кајмакоски, чие присуство на фестивалот успеа да собере огромна толпа „сонциња“ кои буквално ги блокираа сите влезови чекајќи можност да се фотографираат и да го прегрнат својот миленик.

На денешната прес конференција беше објавен и редоследот на композициите кои уште еднаш ќе ги слушнеме во финалната вечер, а тоа изгледа вака:

  1. „Само немој да молчиш“ – Јоце Панов (музика: Бане Опачиќ, текст: Владо Јаневски, аранжман: Слоба Марковиќ)
  2. Врати се“ – Биба Додева (музика и текст: Биба Додева, аранжман; Дамјан Лазаров)
  3. „Дојди ми ти“ – Александар Белов (музика, текст и аранжман: Кристијан Габроски)
  4. „Ти не знаеш“ – Лена Заткоска (музика: Лена Заткоска, текст: Ристо Самарџиев, аранжман: Владимир Дојчиновски)
  5. „А ти си одиш“ – Кристијан Мицев (музика: Григор Копров, текст: Борче Димитров, аранжман: Владимир Дојчиновски)
  6. „Моја најмила“ – Мартинијан Кириловски (музика и текст: Магдалена Божиновска Стојанова, аранжман: Илија Ќосевски)
  7. „Дали сонот има крај“ – Наташа Малинкова (музика, текст и аранжман: Стојанче Арамов)
  8. „Сите знаат“ – Емил Арсов (музика и аранжман: Јован Јованов, текст: Давид Димовски)
  9. „Кога најмногу ми требаш“ – Дарко Илиевски (музика и аранжман: Лазар Цветкоски, текст: Магдалена Цветкоска)
  10. „Остани“ – Маја Вукичевиќ (музика, текст и аранжман: Александар Масевски)
  11. „За тебе и мене“ – Влатко Илиевски (музика, текст и аранжман: Владимир Дојчиновски)
  12. Безимена“ – Миле Кузмановски (музика: Драган Вучиќ, текст: Анита Даева, аранжман: Дамир Имери)
  13. „Тажна љубов, среќна песна“ – Тамара Тодевска (музика и аранжман: Роберт Билбилов, текст: Игор Џамбазов)
  14. Како да заборавам“ – Симона Попоска (музика: Кирил Зарлинов, текст: Магдалена Цветкоска, аранжман: Зоран Алексиќ)
  15. „Само мој“ – Викторија Лоба (музика, текст и аранжман: Владимир Дојчиновски)
  16. „Можев“ – Горан Наумовски (музика, текст и аранжман: Андријана Јаневска)
  17. „Ако времето е најдобар лек“ – Елвир Мекиќ (музика и аранжман: Димитар Димитров, текст: Елвир Мекиќ)
  18. „Како да преживеам“ – Мики Секуловски (музика и аранжман: Зоран Алексиќ, текст: Рената Кралевска)

Како и двете полуфинални, и претстојната финална вечер ќе се пренесува во живо на Македонската Радио Телевизија, победникот ќе го изберат гледачите со своите СМС пораки пратени на бројот 141730 кои чинат 10 денари плус ДДВ, а сите собрани средства ќе одат за настраданите семејства од поплавите кои неодамна го зафатија регионот на Србија, Бих и Хрватска. Од еден број може да се прати само по 1 глас за 1 композиција. Наградата за победничката мелодија ќе изнесува 20, за второпласираната 15, а за третопласираната 10 илјади евра. Ќе бидат доделени и две награди од по 3000 евра за најдобар дебитант и за најдобар сценски настап. Во ревијалниот дел за време на гласањето вечерва ќе настапи нашата поп дива Калиопи.

Од 30-те натпреварувачи годинава, без финале останаа Бојан Стојков, минатогодишната победничка Александра Јанева, дебитантката Критина Костовска, Искра Трпева Арсовска, Лидија Кочовска и Наде Талевска од првата полуфинална вечер, како и Сара Мејс, Дејан Тасев, Филип Јордановски, Нокаут, Александар Тарабунов и Роберто Поп Димитров од втората полуфинална вечер. Со оглед на тоа што видео материјалите сè уште се прикачуваат на ЈуТјуб, веќе објавените снимки можете да ги погледнете на официјалниот канал на Макфест.

Подготвија: Ивона Јанкова и Сања Неткова



Врати се горе ↑