Балкан 10940987_704364219684714_3115563294743212612_n

24 февруари, 2015

Повторно ниту еден Македонец во жирито на „Х фактор“

После бројни шпекулации и претпоставки, продукцијата „Конект лајв медија“, која стои позади втората сезона на регионалниот „Х фактор“, вчера конечно ги објави имињата на четирите музички ѕвезди кои ќе го оценуваат талентот на пријавените кандидати од регионот. Како што е познато, годинава во натпреварот се приклучува и Хрватска, која им се придружи на Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, но наместо судиите да доаѓаат барем по еден од секоја земја, продукцијата годинава донесе две српски и две хрватски ѕвезди, така што и оваа сезона ќе помине без ниту еден Македонец во жирито.

И покрај тоа што по крајот на првата сезона изјави дека нема да се врати во шоуто, Жељко Јоксимовиќ повторно ќе седне на едно од четирите столчиња со надеж дека ќе го повтори успехот со Даниел од минатата година. Кристина Ковач, пак, ќе ја замени нејзината сестра Александра Ковач. Познатата музичарка која е ќерка на легендарниот Корнелије Ковач, и понатаму се надградува во областа на музиката студирајќи на колеџот за уметности во Единбург, Велика Британија, на отсекот за компонирање на музика за филм. Покрај самостојните материјали, таа компонира и пишува песни и за бројни други изведувачи, како и за повеќе театарски претстави, филмови, а минатата година и за бродвејската претстава „Џеки и Мерилин.

Од Хрватска доаѓаат две мошне големи ѕвезди. Првиот од нив е еден од најпрепознатливите вокали на Балканот, легендарниот Масимо Савиќ, кој уште на почетокот на осумдесеттите години се прослави како лидер на групата „Доријан Греј“, а од 1986 година досега изгради успешна соло кариера. Нему друштво ќе му прави познатиот композитор Тончи Хуљиќ, кој веќе има искуство во оценувањето на таленти во натпреварот „Операција триумф“. Поранешниот член на „Магазин“ беше актуелен со неговиот проект „Мадре бадеша“, во кој членува и нашиот Емил Арсов, па можеби ќе го видиме како гостин во некоја од емисиите во живо.

Покрај членовите на жирито, објавени се и имињата на водителите. Освен Жељко, единственото лице кое повторно ќе го гледаме на малите екрани е нашата Снеже Велков, а заедно со неа низ емиите ќе нè водат хрватската водителка Антонија Блаќе и српскиот актер Александар Радојичиќ.

На предаудициите, кои, започнувајќи од Скопје, на почетокот на месецов се одржаа во неколку градови од регионот, се пријавиле вкупно 11.568 кандидати. Продукцијата веќе ги контактираше сите кои ќе продолжат во следниот круг, односно аудициите пред стручното жири. Во Македонија натпреварот повторно ќе го следиме на телевизија Сител, а емитувањето би требало да започне следниот месец.

И.Ј. (Извор и фотографии: xfactoradria.com)



Врати се горе ↑