Аудио zakielsak23

7 март, 2017

Повторно евровизиски скандал за Хрватска

Кон крајот на минатата недела, Хрватска ја промовираше песната што ќе ја претставува земјата на годинешниот Избор за песна на Евровизија, што ќе се одржи во мај во Киев. Станува збор за нумерата „My Friend“ во изведба на популарниот хрватски пејач Жак Худек.

Меѓутоа, како што јави загрепскиот портал „Индекс“, веднаш по промоцијата на песната, многумина корисници на социјалните мрежи почнаа да коментираат дека нумерата „им е позната од некаде“ и дека „веќе ја слушнале“.

Некои корисници на социјалните мрежи сметаат дека песната „My Friend“ на Худек „многу потсетува“ и е „евидентно слична“ со нумера од Дизниевиот анимиран филм „Снежното кралство“. Злобниците одат и дотаму што наоѓаат сличност и во текстот, наведувајќи дека Худек пее „Don’t Let Go“, а во филмот Елса пее „Let It Go“.

И минатогодишната евровизиска претставничка на Хрватска, Нина Краљиќ се соочи со слични проблеми. За нејзината песна „Lighthouse“, хрватските автори се пожалија дека не е во ред што е потпишана од странски композитори, а потоа стигнаа и обвиненија дека темата е плагијат на хитот „Uncover“ од шведската ѕвезда Зара Ларсон.

Сепак, ништо од тоа не влијаеше врз Нина, која успеа да се пласира во финалето и заврши на 23. место. Дали ваквите скандали ќе имаат последици за Жак, ќе дознаеме наскоро.



Врати се горе ↑