Настани постер ана ј.

23 јуни, 2015

Повик за учество на инсталација во урбан простор на Ана Јовановска во културниот центар „Кула“

Културниот центар „Кула отвора јавен повик за учество на урбана инсталација во простор, под менторство на Ана Јовановска. Настанот, кој ќе започне на 24 јуни (среда) во 13 часот во „Кула“, ќе биде дел од проектот на Ана Јовановска насловен „Скопје, јас и ти“, како дел од „Скопски урбани приказни“ во рамки на „Скопско лето“.  Во пресрет на идеите на интерактивната и партиципативната уметност, уметницата Ана Јовановска ги повикува сите заинтересирани луѓе директно да се вклучат во процесот на реализација на оваа уметничка инсталација.

Станува збор за облепување, односно аплицирање на илјада бели говорни балончиња, од кои некои исполнети, а некои празни во циркулирачки пасаж во центарот на Скопје. Поделбата остава простор за партиципација на самиот минувач, а пополнетите балончиња се индикатор за побарувачката на делото. Сите учесници со авторски удел ќе бидат преносители на приказната од и на самите Скопјани и луѓе воопшто, млади и стари, странци, провинцијалци и било кои други индивидуи кои фигурираат во самиот град како создаватели, носители и трпители на духот на истиот. Дел од нив ќе бидат интерпретација на самиот автор со приказни здобиени преку социјалните мрежи.

Делото прекинувајќи го патот на минувачот или посетителот го запознава едновремено со илјада нови свесности, гласа било пишани или слушнати. Хартијата како табула раса во вид на говорно балонче остава простор за слика или приказна која ја раскажува/покажува интимната поврзаност на учесникот со градот Скопје. Илјада балончиња, илјада различни митови, сеќавања, љубови, споредби, исповедања, спомени, мислења, критики и пофали на една функционална клетка која е недделива од еден урбан организам – Скопје.

Ана Јовановска е родена на 6 април 1991 година во Куманово, Македонија. Дипломира при Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во мај 2014 година, како графичар и графички дизајнер. Своето образование го обогатува поминувајќи еден семестар како Еразмус стипендист при Високата школа за уметност и медија во Каен/Шербур, во Франција. Добитник е на наградата за најдобра графика Драгутин Аврамовски-Гуте (2013) и признание за постигнат висок просек и одлични резултати во текот на студиите на Факултетот за ликовни уметности (2014). Во последниве пет години изложува на мноштво биеналиња и конкурси во Грција, Србија, Романија, Полска, Франција, САД, Мексико итн. Моментално е студент на постипломски студии по графика при ФЛУ.

Апел до сите заинтересирани да придонесат со својот креативен граѓански активизам во обликување на оваа уметничка инсталација.



Врати се горе ↑