Свет 1934399_10153405116790748_4874856943658805613_n

22 јануари, 2016

Потврдени првите изведувачи на „Греми 2016“

Како што се наближува 58. доделување на престижните музички награди „Греми“, полека се откриваат деталите за самата манифестација, која ќе се одржи на 15 февруари во центарот „Стејплс“ во Лос Анџелес. Покрај номинациите и добитниците на специјалната награда за животно дело, деновиве беа откриени и имињата на првите изведувачи што ќе настапат на претстојната церемонија, а тоа се Адел, Викенд, Лајонел Ричи, „Литл биг таун“ и Кендрик Ламар.

Британската ѕвезда и сопственичка на 10 златни грамофони годинава не е номинирана во ниту една категорија, но само затоа што нејзиниот албум „25“ беше објавен во ноември, односно по завршувањето на крајниот рок за номинации, кој ги опфаќа изданијата објавени од 1 октомври 2014 до 30 септември 2015 година, така што сигурно ќе доминира на следното доделување в година.

Лајонел Ричи, кој зад себе има веќе четири златни грамофони, годинава е добитник на специјалната награда „МјузиКерс“ (MusiCares), која Академијата започна да ја доделува од 1989 година. Наградата вклучува поддршка и помош на финансиска, здравствена и други основи. По повод оваа награда, на претстојното доделување ќе има специјален настап во негова чест.

Кантри групата „Литл биг таун“, пак, е во трка за три статуетки – нивното 6. студиско издание „Pain Killer“ е номинирано во категоријата Најдобар кантри албум, а хитот „Girl Crush“ е во трка за Песна на годината и Најдобра изведба од кантри дуо/група. Бендот зад себе досега има само една победа во 2013 година, а бил номиниран вкупно 9 пати.

Иако релативно ново лице на музичката сцена, американскиот рапер Кендрик Ламар во рамките на последните три доделувања собра дури 20 номинации (7 во 2014, 2 во 2015 и 11 во 2016), а досега победил 2 пати минатата година, кога триумфираше во категориите Најдобра рап песна и Најдобра рап изведба. Со 11-те номинации годинава, Ламар влезе во историјата на Греми како втор уметник со најголем број номинации за една вечер. Првото место со 12 номинации сè уште го држи Мајкл Џексон, кој буквално доминираше на доделувањето во 1984 година, третото место со по 10 номинации го делат Лорин Хил (1999), Бијонсе (2010) и Еминем (2011), а по 9 номинации добиле Џеј Зи (2014) и Канје Вест (2005).

Канадската ѕвезда Викенд, кој минатата година буквално експлодираше на светската музичка сцена, за разлика од лани, кога беше номиниран во само 1 категорија, годинава е во трка за дури 7 златни грамофони, вклучувајќи ги Албум на годината и Најдобар урбан современ албум за „Beauty Behind the Madness“, Снимка на годината и Најдобра поп соло изведба за „Can’t Feel My Face“, а во три категории е номиниран и хитот „Earned It“ од филмот „50 нијанси сиво“, за кој е во трка и за престижната филмска награда Оскар.

 

Останатите изведувачи ќе бидат откриени во наредниот период, а кој сè е во трка за популарните златни грамофони потсетете се овде.

Фотографии: Фејсбук 

И.Ј.



Врати се горе ↑