Свет џм

6 септември, 2017

Постхумен сингл од Џорџ Мајкл

Првиот постхумен сингл од Џорџ Мајкл ќе биде премиерно емитуван утре, 7 септември, во рамките на утринската емисија на втората програма на Радио Би-би-си, пренесуваат британските медиуми. Веста ја потврдија и од менаџментот на покојната ѕвезда, најавувајќи ја утрешната премиера на новата песна, која се надеваме ќе биде објавена и на Јутјуб за да можат да ја слушнат и обожавателите ширум светот.

Веста доаѓа истовремено со соопштението од неговите две сестри, кое беше објавено на неговата официјална веб страна. „Нашата цел е да продолжиме како што Јог (семеен прекар на Џорџ) сакаше – да го споделуваме и да уживаме во неговото бесценето наследство и да продолжиме да ви носиме радост преку неговата необично убава музика“, велат тие, додавајќи дека заедно со неговиот креативен тим ќе работат на сите проекти што ги започнале пред смртта на славниот пејач. „Ветуваме дека секогаш ќе се трудиме да му оддадеме чест со тоа што ќе останеме верни на неговите намери и амбиции“, стои во нивната објава.

Непосредно по смртта на Мајкл, легендарниот Најл Роџерс откри дека заедно работеле на нов материјал, со кој пејачот планирал големо враќање на сцената, но за жал, тоа никогаш не се случи… Тој почина минатата година на 25 декември, денот кога католичкиот свет го слави големиот празник Божиќ и кога редовно е актуелен неговиот празничен хит „Last Christmas“, а со аутопсијата било утврдено дека починал од природна смрт, како последица од воспаление на срцевиот мускул. Имаше само 53 години.

 



Врати се горе ↑