Настани VMA_Spaceman

24 август, 2014

Последно одбројување до MTV VMA 2014

Како што е познато, вечерва со почеток од 03.00 часот по полноќ на регионалниот канал MTV ќе започне преносот во живо од Видео Музичките Награди на MTV за 2014 година. Веќе Ви пренесовме за дел од познатите музички имиња кои ќе настапат во живо или ќе се појават во улога на презентери на бината во Инглвуд, Калифорнија. Сите учесници на овогодишната манифестација деновиве вредно вежбаат за своите настапи, а во текот на пробите дел од нив доживеаа и мали незгоди.

Имено, раперката чиј хит „Anaconda“ е веќе на врвот на топ листите, Ники Минаж, сакајќи да ја пренесе тропската тематика од нејзиниот актуелен видео запис, во текот на настапот ќе се појави во придружба на вистински змии. Но, една од нив, змијата боа по име Роки во текот на пробата каснала една од придружните танчерки. Иако змијата не е отровна, девојката била итно пренесена во болница со цел да се спречат понатамошни компликации.

 

Уште една раперка доживеала мала незгода за време на своите проби за претстојниот настап. Австралиската ѕвезда Иги Азалија, која на претстојните доделувања на MTV VMA 2014 ќе го изведе хитот „Black Widow“ со Рита Ора, како и популарната „Fancy“ со Чарли XCX, во текот на пробата толку се внела во изведбата што не забележала дека се приближува кон крајот на сцената и паднала. За среќа, раперката избегнала посериозни повреди и не ја прекинала пробата, но снимката од овој инцидент брзо се нашла на Интернет и истата можете да ја погледнете во продолжение.

 

Како и да е, се надеваме дека вечерашната манифестација ќе помине без инциденти, а за одличната атмосфера со своите изведби во живо ќе се погрижат Бијонсе, која ќе ја добие наградата „Michael Jackson Video Vanguard“, веќе споменатите Иги Азалија и Ники Минаж, потоа Ашер, Аријана Гранде, Џеси Џеј, Сем Смит, Тејлор Свифт и 5 Сенкдс оф Самр. Покрај звучните музички имиња, на VMA сцената ќе се појават и многу други познати личности во улога на презентери на овогодишните награди. Некои од нив се Гвен Стефани, Ким Кардашијан, Деми Ловато, Лорд, Тејлор Шилинг, Лаверн Кокс, Узо Адуба, Дилан О’Браен, Нина Добрев, Џејсон Деруло и Треј Сонгз. Официјалната водителка на воведната програма ќе биде младата кантри пејачка и ѕвезда од серијата „Убави мали лажливки (Pretty Little Liars)“, Луси Хејл, заедно со американската раперка, танчерка и пејачка Беки Џи и ЈуТјуб ѕвездата Ингрид Нилсен.

Преносот во живо ќе се емитува ноќва (24-25 август) со почеток од 03.00 часот по полноќ, само на музичкиот канал MTV. Во продолжение погледнете го миксот кој го направи американскиот магазин Идолатор, снимка во која се сместени видео записите кои ја освоиле наградата „Видео запис на годината“ во изминатите десет години.

 

 

 



Врати се горе ↑