Свет

5 април, 2017

Последниот албум на „Ти-ел-си“ конечно ќе стигне во јуни

Преостанатите две членки од некогашното популарно трио „Ти-ел-си“, Ти-Боз и Чили веќе неколку години го најавуваат својот нов и последен албум за групата, а потребните средства за реализирање на проектот ги побараа од своите почитувачи и следбеници.

Имено, во јануари 2015 година, девојките започнаа „Кикстартер“ кампања, а дека нивните обожаватели едвај чекаат нов материјал, докажува и фактот што наместо потребните 150.000 долари, за само два дена собрале 430.225 долари (5 илјади само од колешката Кејти Пери!).

SYDNEY, AUSTRALIA - JUNE 5: (EUROPE AND AUSTRALASIA OUT) (L-R) Rozonda 'Chilli' Thomas and Tionne 'T-Boz' Watkins of American girl group 'TLC' pose during a photo shoot at the Four Seasons Hotel on June 5, 2014 in Sydney, Australia. (Photo by Ross Schultz/Newspix/Getty Images)

Оттогаш поминаа повеќе од две години, па обожавателите помислија дека се измамени, а Ти-Боз се правдаше дека доцнат бидејќи имаат доста набиен распоред. Но, на сето тоа му дојде крајот и менаџерот на дуото, Бил Дигинс, конечно го соопшти официјалниот датум на издавање на албумот.

„Датумот е потврден, 30 јуни е денот кога ќе стигне албумот за кој вие помогнавте да се случи“, напишал тој на веб страната за кампањата, додавајќи дека девојките деноноќно работеле за да завршат сè навреме, како и дека првото видео и фото-сесија се закажани за 18, 19 и 20 април.

tlc

Формирана во 1991 година, „Ти-ел-си“ првично ја сочинуваа Тион „Ти-Боз“ Воткинс, Розанда „Чили“ Томас и Лиса „Лефт-ај“ Лопес. Зад себе имаат четири студиски албуми, од кои последниот, „3D“, беше објавен во 2002 година, седум месеци по смртта на Лиса, која трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа. Оттогаш, Ти-Боз и Чили продолжија да функционираат како дуо и од 2003 до 2013 објавија 5 компилациски изданија.

Последно што слушнавме од нив беше темата „Meant To Be“, со која во 2013 година го најавија јубилејното компилациско издание „20“, по повод 20-годишнината од основањето на групата.



Врати се горе ↑