Концерт TaksiratPoster

5 декември, 2012

Последен ТАКСИРАТ промо ден

Изминатите две недели „таксиратџии“ беа главните виновници кои го вратија позитивниот дух на скопското музичко секојдневие и на најдобар начин го разиграа  градот. Стартувајќи со „ПИН“ музичката конференција, Скопје стана вистински центар на заедничко дружење на значајни претставници од светската музичка индустрија и град-домаќин на над 400 гости од странство кои имаа можност да се дружат со нашите музички и културни работници, но и со сите креативци и љубители на музиката и културата, воопшто. После повеќе од 30 концерти одржани на „ПИН“, музичкото воодушевување продолжи со екстравагантното сценско шоу и одличниот концерт на француската арт-група Нувел Ваг. Уште поенергично off-Таксират издание беше грандиозниот славенички концерт на популарната банда инструментале Суперхикс која прославувајќи ги 18-те години на бендот приреди незаборавна вечер на која повеќе од 5.000 посетители лудо се забавуваа до утринските часови. Со овој концерт заврши и off-програмата, во чии рамки фестивалот годинава, досега го посетија 10-12.000 „таксиратлии“ кои беа дел од еуфоричните „Таксират“ вечери.
Фотограф: Кристијан Теодоров
После енергичните лудувања „Таксират“ фановите имааа неколку дена да си дојдат на себе и да се подготват за она што допрва следи. Конечно, пред нас е финалето за четиринаесеттото издание на фестивалот. За само три дена, на 8ми декември во „Метрополис Арена“ скопјани ги очекува најголемиот фестивалски предизвик, кој според комбинацијата на артистите кои ќе настапат, има потенцијал да биде најлудото издание на „Таксират“ до сега.
„ТАКСИРАТ“ е подготвен да не ја изневери својата максима и доаѓа во формација која и тоа како има нерв да предизвика незаборвни искуства, а и да продолжи како значаен момент во изградбата на ново музичко Скопје, особено преку револуционерите на контра-културата. Својот настап на „ТАКСИРАТ 14“ го потврдија: најдобриот „лајв“ бенд годинава според списанието „Метал Хамер“ – СКИНДРЕД, панк-ска бунтовниците ЧЕ СУДАКА, култната македонска рап унија ЧИСТА ОКОЛИНА, влијателната реге-икона ТАЊА СТИВЕНС, таткото на електро-свингот ПАРОВ СТЕЛАР, еминентниот виртуоз на балканската електро-сцена КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ и регионалните рок херои ВАН ГОГ. Артисти кои се гаранција за исклучителни настапи во живо и луда концертна атмосфера. Сцената на Таксират годинава за прв пат во Македонија ќе ги пречека влијателните музички имиња од Велика Британија, Австрија, Јамајка и Португалија. Најголемите рок ѕвезди на балканот Ван Гог, овојпат доаѓаат со спектакуларен настап на големата фестивалска сцена, која во најдобро светло ја демонстрира моќта на нивниот перформанс. Задоволството на Таксират е да биде настанот кој ќе го одбележи големиот „камбек“ на македонскиот супкултурен рап феномен Чиста Околина, после цели 11 години, додека еден од најзначајните музички артисти кај нас, Кирил Џајковски пред „таксиратџии“ прв пат концертно ќе го претстави својот најнов материјал. Заедничко за сите овие артисти е тоа што за „Таксират“ подготвуваат неазборавни концерти и најавуваат експлозивно Таксират финале.
Ги потсетуваме сите оние кои сѐ уште не ги купиле своите влезници за „Таскират 14“, дека денеска, 5-ти декември е последниот ден од акцијата за промо билетите кои чинат само 450 денари. Веќе од утре цената на билетите ќе се промени во 600 денари. Претпродажбата се спроведува во продажните салони на ONE и продажната мрежа на МКтикетс низ Македонија.
Четиринаесет години по ред Скопје во декември го снаоѓа нов „Таксират“, а „таксират“ е и годинава да излезете од сивилото на секојдневието, да застанете во име на она што ве прави среќни, па дури и ако за тоа треба да го превртите Скопје наопаку! Нашиот „Таксират“ е повторно да славиме… во име на музиката!


Врати се горе ↑