Свет

12 мај, 2017

Португалија е новиот фаворит за победа на „Евровизија 2017“

Само еден ден пред големото финале, обложувалниците „пеат друга песна“. Имено, после повеќе од 2 месеца како фаворит за победа, Италија денеска падна на второто место, отстапувајќи ја потенцијалната шампионска позиција на Португалија!

1

Ова секако дека не е големо изненадување бидејќи 27-годишниот Салвадор Собрал со безвременската балада „Amar Pelos Dois“ ја воодушеви евровизиската публика, која го награди со најголем аплауз во првата полуфинална вечер. Потпишана од неговата сестра Луиза Собрал, песната се најде на листите со најслушани песни на речиси сите порелевантни музички сервиси, а високо котира и на официјалните топ-листи во 18 земји.

Интересно е тоа што пласманот не е приоритет за Салвадор, кој целата организација ја препушти на сестра си, а заради здравствени проблеми во Киев стигна дури во неделата. „Препуштив сè на Луиза бидејќи навистина немам чувство за естетика, а и не ми е важно што и како ќе има зад мене, важно ми е само што песната допре до луѓето и покрај тоа што не го разбираат јазикот. Мислам дека на повеќето им недостасува нешто едноставно, сирово и интимно, а музиката е јазик што го разбираат сите“, изјави музичарот, кој учеството на фестивалот го користи и за хуманитарни цели, апелирајќи за олеснување и забрзување на процедурите низ кои поминуваат бегалците во Европа.

За потенцијалниот триумф дефинитивно највозбудени се во родната Португалија, кои после половина век учество на фестивалот конечно имаат реална шанса за победа, а сè поверојатно е дека желбата ќе им се оствари. Во утрешното финале Салвадор ќе настапи под реден број 11. Среќно!

И.Ј.



Врати се горе ↑