Видео

8 август, 2018

„Поп-арт бенд“ ја препеаја „Ноќната кралица“ на Ерзана

Еден од најголемите македонски хитови од деведесеттите години, макфестовската „Ноќна кралица на тогаш популарната пејачка Ерзана Бериша, по точно две децении си доби нова верзија, овој пат во изведба на „Поп-арт бенд“. Оригиналната музика инаку е дело на самата Ерзана, додека стиховите на песната ги напиша Клементина Крстановска, а аранжманот го потпиша Дарко Димитров.

Оваа верзија на „Ноќна кралица“ ја свират и пеат во живо членовите на „Поп-арт бенд“, предводени од вокалната изведба на Моника Јанкова – Малиша, која своевремено имаше и соло-кариера и самата настапувајќи на „Макфест 2007“со темата „Луда по тебе“, чиј комплетен автор е Кристијан Габроски.

Моника, како вокал на „Поп-арт бенд“, на себесвојствен начин ѝ дава свој печат на „Ноќната кралица“ на Ерзана, боејќи го овој голем хит со поинаква боја, вдахнувајќи му доза на соул и ар-ен-би дух на ова модерно музичко парче, зад чиј микс и продукција овој пат стои еден од најдобрите македонски тон сниматели и музички продуценти, Евгениј Каревски – Гени

Концертната екранизација на оваа нова верзија на познатиот хит е дело на Томе Влашески – Куба, кој се потпишува и како продуцент на видеото и како камерман, Петар Димов како втор камерман, додека Сашо Јовановски – Тарзан бил одговорен за светлото. Стручните раце од „Инфинито студио“ се погрижиле за шминката, а спотот е снимен во „Лофт-бар“ во Скопје.

Покрај Моника, во „Поп-арт бенд“ членуваат и Марио Ристовски (бас-гитара), Димитар Ганчевски (клавијатури), Филип Пулески (гитара), Кристијан Лафазановски (тапани) и Анета Василева (придружен вокал), а како звучи и изгледа „Ноќната кралица“ во нивна изведба дознајте во продолжение. Уживајте!

Извор: Вистина.мк



Врати се горе ↑