Свет 2015_SCOREBOARD_FULL

25 мај, 2015

Поништени македонските и црногорските гласови на „Евровизија 2015“

По саботното финале на 60. издание на „Евровизија“, организаторите вчера ги открија резултатите од гласањето во сите три вечери, но македонските и црногорските гласови за финалната вечер се поништени. Имено, како што пишува на официјалната веб стана на фестивалот, гласовите од Македонија и Црна Гора наместо предвидените половина од телефонското гласање и половина од стручните жирија, биле 100% од жиријата.

Неправилоста ја забележал независен набљудувач на процесот, по што извршниот надгледувач и директорот на тн. Референтна група одлучиле да ги поништат гласовите на двете земји, а за овој проблем ќе се дискутира на следниот состанок закажан во јуни. Поништувањето на гласовите не направило никаква промена за победникот (и двете земји го наградија со по 5 поени), така што триумфот на Швеѓанецот Монс Зелмерлоу останува валиден.

Меѓутоа, неизвесен е конечниот пласман на Албанија, чија претставничка беше наградена со вкупно 34 поени и 17. место, од кои 12 беа од нас, а 10 од Црна Гора, потоа српската претставничка за чие 10. место придонесоа и 10 поени од нас и 12 од Црна Гора, како и пласманот на словенечките претставници со 39 поени и 14. место, од кои 8 беа од нас и 4 од Црна Гора. Со преостанатите 12 поени, Албанија би спаднала на 25. место, со 31 поен Србија би се нашла на 18. место, а со 27 поени Словенија би се пласирала на 20. место.

Црна Гора од нас доби само 4 поени, така што нејзиниот пласман останува непроменет и со можност за искачување.

Според резултатите на табелите прикажани на „Википедија“, неправилности во финалната вечер биле забележани и кај гласовите на Сан Марино, чии поени биле добиени 100% од гласовите на жирито, а истата ситуација била и во првата полуфинална вечер кога 100% биле гласовите од жирито на Грузија, како и во втората полуфинална вечер кога гласало само жирито на Црна Гора, Азербејџан и повторно Сан Марино, но овие гласови не се поништени.

Каков ќе биде крајниот резултат ќе дознаеме во јуни.



Врати се горе ↑