Настани paul-van-dyk

27 април, 2013

Пол Ван Дајк ќе го затвори Аква Парк Фест

За љубителите на врвната електронска музика Аква Парк Фест најавува исклучително посебна ноќ! Легендарниот диџеј и продуцент ПОЛ ВАН ДАЈК (PAUL VAN DYK), човекот кој светски реномираниот „DJ Magazin“ два пати го прогласи за број еден помеѓу 100-те најдобри диџеи на свет ќе настапи на Аква Парк Фест. Еден од првите супер-стар диџеи, денес е еден од најзначајните луѓе во историјата на електронската денс музика со шест студиски албуми продадени во повеќе од 4.5 милиони примероци. На Аква Парк Фест тој со својот лајв настап ќе ја претстави чудесната мултижанровска подимска музика, а на оваа единствена аудио вечер, Пол Ван Дајк ќе приреди спектакуларно затворање на фестивалот.

Пол Ван Дајк започна како транс диџеј, но денес својот жанр едноставно го дефинира како „електронска денс музика“. Овој исклучително талентиран музичар, но и борец против сиромаштијата и истакнат активист, присутен е на сцената повеќе од 20 години во кои постигна небројни успеси. Од 1999 година па наваму скоро секоја година добива награди за најдобар албум, сигнл, диџеј, продуцент и тн. Неговиот албум од 2004 „Reflections“ беше првиот номиниран албум во новововедената категорија на Греми наградите „најдобар денс/електронски албум“.  Познат е и по соработките со бројни светски ѕвезди како Депеш Мод (Depeche Mode), Бритни Спирс (Britney Spears), Дејвид Брн (David Byrne), Мадона (Madonna), Ју-ту (U2) и Џастин Тимберлејк (Justin Timberlake), а секогаш запаметен ќе остане неговиот настап за новогодишната вечер во 2009 година кога неговиот фуриозен сет го проследија повеќе од милион луѓе во Рио де Жанеиро.

По албумот од 2007 година „In Between“, кој според сите диџејски листи беше рангиран на првото место, Пол Ван Дајк во 2012 приреди амбициозно враќање со новиот албум „Evolution“ кој како што најавуваше и самиот наслов, донесе нови промени во денс културата и вистинска еволуција во поглед на самата електронска музичка сцена. Во ова извонредно издание ќе имаме прилика да уживаме и на Аква Парк Фест, кој е посебна прилика и по фактот дека од годинашната турнеја на овој артист, Аква Парк Фест е една од само трите европски дестинации до сега.

Аква Парк Фест, како првото open-air издание на петнаесетгодишниот Таксират, кое ќе се одржи на 24-ти и 25-ти мај, ќе го претстави и концертот на Сашко Костов & TWW. Талентираниот Сашко Костов е искусен музичар кој доаѓа од Велес. Тој минатата година го издаде албумот „Silent in the Crowd“ кој доби одлични критики не само во државава туку и надвор. Промоцијата на албумот ја надополни со едномесечна турнеја низ цела Европа каде наиде на повеќе од позитивни реакции.

Покрај Пол Ван Дајк и Сашко Костов,  од музичката програма на фестивалот веќе се потврдени настапите на ѕвездите од светската денс сцена, МАРК НАЈТ (MARK KNIGHT) – британскиот диџеј и автор на некои од најголемите хитови во последните 10 години и холандската денс атракцијаСАНЕРИ ЏЕЈМС и РАЈАН МАРЧИАНО (SUNNERY JAMES & RYAN MARCIANO), но и настапот на еден од најзначајните композитори, продуценти и диџеи на балканската електросцена – КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ, кој на Аква Парк Фест ќе настапи во придружба на извонредните ТК Вондер (TK Wonder) и Гето Прист (Ghetto Priest). Гаранција за незаборавна фешта ќе бидат момците од нашата најактивна банда инструментале СУПЕРХИКС – бендот кој и официјално го освои признанието за најдобриот одржан концерт во 2012; ФОЛТИН и нивниот единствен препознатлив звук кој стана омилен на публиката; ужасно ангажаниратите БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА кои веднаш по два и пол месечната турнеја низ Европа ќе атерираат во Пробиштип на еден од ретките нивни настапи во државава; хардкор легендите СМАТ ќе го донесат тврдиот звук; извонредно инвентивните и атрактивни ФУЛИШ ГРИН, еден од најдобрите бендови од Тетово, реге-даб колективотКОНКВЕРИНГ ЛАЈОН; како и регионаните миленици С.А.Р.С., артистите препознатливи по секогаш одличната забава на нивните концерти.

АКВА ПАРК ФЕСТ ќе се одржи на просторот на првиот Аква Парк во Македонија, лоциран во Пробиштип. Фестивалскиот простор покрај фестивалските бини и Аква Паркот со различните водени атракции кои тој ги нуди, е опремен и со посебен кампинг простор, спортски терени, богата понуда на разновидна храна, повеќе посебно организирани делови за многуте забавни содржини на фестивалот, а сето тоа гарантира несекојдневна можност за повеќедневна забава под отворено небо.

Ве потсетуваме дека веќе е во тек и претпродажбата на „earlybird“ влезниците со кои најбрзите купувачи имаат можност да бидат дел од Аква Парк Фест за специјална промотивна цена. Во оваа понуда достапни се два вида влезници и тоа:

• фестивалска влезница од 700 денари (во која е вклучен бесплатен камп простор и бесплатно користење на Аква паркот и водените атракции за двата дена од одржување на фестивалот)

и

•  еднодневна влезница од 400 денари (во која е вклучено бесплатно користење на Аква паркот и водени атракции за денот за кој ја купувате влезницата).

Овие билети ќе се продаваат во ограничен број, а ќе можат да се купат во продажните салони на One низ Македонија, продажните салони на Office Plus и продажната мрежа на МКтикетс.

 



Врати се горе ↑