Свет paul-mccartney-ringo-starr

18 јануари, 2014

Пол Макартни и Ринго Стар меѓу изведувачите на Греми 2014

Веќе е познат поголемиот дел од изведувачите кои ќе настапат на претстојното 56-то годишно доделување на музичките награди Греми, а деновиве беа објавени уште неколку имиња кои со своите настапи ќе ја збогатат најважната ноќ во годината за музичката индустрија. На Дафт Панк, Најл Роџерс, Робин Тик, Металика и останатите веќе објавени имиња ќе им се придружат и Џон Леџенд, Меклмор и Рајан Луис, Кејси Масгрејвс, Тејлор Свифт, Кит Урбан, како и преостанатата половина од легендарните Битлси – Пол Макартни и Ринго Стар, кои како членови на бендот ќе ја примат наградата за животно достигнување. Помеѓу останатите специјални изведби за оваа вечер е и заедничкиот настап на Сара Барелис и добитничката на 4 Греми награди – Керол Кинг. За Сара Барелис, Меклмор и Рајан Луис, Кејси Масгрејвс и Ринго Стар ова ќе биде прв настап на оваа манифестација.

Неофицијално, на претстојното доделување можно е да настапат и познатите пејачки Бијонсе и Мадона, а во врска со овие информации продуцентот на церемонијата Кен Ерлих изјавил: „Ајде тоа да го поставиме вака… имаме одична историја со неа (Бијонсе) која датира уште од времето на проектот Дестинис Чајлд. Сакам да работам со неа, неверојатна е. Таа е толку посветена на тоа што го работи и твори што секој кој ќе ја види едноставно мора да биде позитивно изненаден.“

Греми наградите по 56-ти пат ќе бидат доделени во недела, 26-ти јануари во Стејплс центарот во Лос Анџелес, а во улога на водител повторно ќе се појави познатиот рапер Ел Ел Кул Џеј.



Врати се горе ↑