Аудио

22 јуни, 2018

Пол Макартни го има најдоброто караоке во автомобил со Џејмс Корден!

Во автомобилот на Џејмс Корден досега запеале голем дел од актуелните музички ѕвезди, но секако дека уште поголемо внимание ќе привлече гостин што е вистинска музичка легенда. Мини-турнеја низ родниот град Ливерпул и старата куќа во која живеел со семејството и вежбал со својот култен бенд беа дел од речиси получасовното распеано возење со некогашниот „Битлс“ Пол Макартни!

Освен најголемите хитови на култната група, 76-годишниот музичар и Корден отпеаја дел и од неговото поново творештво, а особено емотивни се сцените од пабот во кој „Битлси“ свиреле во почетокот на кариерата, што дефинитивно го прави ова караоке во автомобил најдоброто досега!

 

Иако пред неколку дена (на 18 јуни) наполни 76 години, Макартни изјави дека нема намера да се пензионира, односно дека нема од што да се пензионира. „Јас сум како фудбалерите. Кога ќе ги прашаат кога ќе се пензионираат, тие велат ‘кога веќе нема да уживам во играта’ или ‘сѐ додека ме држат нозете’. Вили Нелсон, кој е постар од мене, кога зборувал за пензионирање, рекол: ‘Од што да се пензионирам?’. Мислам дека тоа сѐ кажува. Навистина, од што да се пензионирам?“, рекол легендарниот музичар, кој е еден од двајцата живи членови на култните „Битлси“.

Доказ за тоа е и новиот, 17. по ред студиски албум во неговата соло-кариера, кој ќе го носи насловот „Egypt Station“ и кој ќе излезе на 7 септември, а како вовед во новиот материјал деновиве беа објавени сингловите „I Don’t Know“ и „Come On to Me“. Дали и во ова ново поглавје од неговата кариера ќе нè изненади со некоја неочекувана соработка како што беше случајот со Канје Вест и Ријана, ќе дознаеме наскоро.

 

 



Врати се горе ↑