Настани df

10 јуни, 2015

„Поинт бленк“, „Фјурион“, „Џун“ и „Брука бенд“ на „Д фестивал 2015“!

За радост на сите фанови на енергичните настапи и жестокиот звук на домашната сцена, своето гостување на тридневниот музички маратон „Д ФЕСТИВАЛ“, кој ќе се одржи од 17 до 19 јули во Дојран, го потврдија хардкор составот „Поинт бленк“ (Point Blank) и треш-металците „Фјурион“ (Furion) од Скопје, кои ќе ја разгорат атмосферата на главната бина во петок, 17 јули. Саботната вечер на 18 јули, иновативниот и свеж звук на домашната сцена ќе го претстави групата „Џун“ (June) со настап на втората фестивалска бина на „Д ФЕСТИВАЛ“.

Загарантирано е дека еден од најжестоките настапи на „Д ФЕСТИВАЛ“ ќе биде оној на скопскиот бенд „ПОИНТ БЛЕНК! Покрај тоа што ова е одлична прилика по одредена пауза македонската публика да го види одличниот состав, „Д фестивал“ за „Поинт бленк“ е и вистинска подготовка за нивниот настап како предгрупа на „Корн“ (Korn) на 3 август во Букурешт.
„Поинт бленк“ започнаа да свират при крајот на 1999, под влијание на хардкор бранот кој што тогаш ја имаше поплавено Македонија. Секој свиреше хардкор па и тие. Но, наскоро и постепено музиката на „Поинт бленк“ се менуваше и бендот започна да создава помелодични рок/метал песни. „Поинт бленк“ станаа посериозни и посветени, не излегоа од нивната гаража 2 ипол години, создавајќи музика и барајќи го својот звук. Сакаа да бидат подготвени за својата прва свирка, а таа беше онаква каква што би посакал секој нов бенд – преполна, клаустрофобична и многу жешка. Потоа тргна работата…. снимање во студио, ТВ и радио емисии, фестивали, турнеи. „Поинт бленк“ од секогаш биле убедени дека покрај студиската работа, живите настапи се всушност најважниот елемент за карактерот на бендот, а за каков неповторлив карактер станува збор ќе ни покажат во петок, 17 јули на главната бина на „Д Фестивал“.

 

Истата вечер, главната бина ќе одекне и со моќниот звук на „Фјурион“ (Furion), групата формирана во 2007 година, како производ на школското другарство на Иво Павловски и Милан Тасевски. За 3 месеци, тие ги ангажираат Анте Гулин на бас, Марјан Сребров на тапани и Калин Марковиќ – Масниот како вокал. На почетокот, „Фјурион“ е треш метал состав, за по кратко време да решат дека нема да бидат дел од потесните етикети во металот. Беа дел од „Wacken open air metal battle“ во Бања Лука, Босна и Херцеговина, каде ја освоија главната награда. Токму тој успех ги одведе на „Wacken open air“ во Германија, еден од најпознатите метал фестивали на светот. Во 2013-та го објавуваат првиот албум „Trashing Folks”, а потоа следуваше и првиот спот за песната „Queen of Thieves”. Во моментов подготвуваат втор албум.

 

На оваа бина, публиката ќе има прилика да ужива и во настапот на младиот скопски реге/рага/ска/рап состав „Брука бенд“ (Brooka Band). Станува збор за релативно нов бенд, но кој го сочинуваат веќе искусни музичари, претходно членови на различни домашни бендови. Во новиот состав овие музичари се здружуваат во април 2014, но за тоа кратко време бендот веќе собира своја публика жедна за забавата која ја приредуваат со своите настапи.

 

Втората фестивалска бина ги пречекува „ЏУН“ и нивниот префинет инди-поп звук

Вториот фестивалски ден, на 18 јули втората по големина бина на „Д ФЕСТИВАЛ“ ќе биде домаќин на групата „Џун“ (JUNE) која ќе го претстави пред публиката звукот на емотивната страна на префинетиот инди-поп. „Џун“ на Д ФЕСТИВАЛ доаѓаат во вистински момент, откако стануваат сѐ поактуелни, благодарение на успесите кои во низа ги остваруваат од почетокот на годинава. Бендот е формиран во октомври 2010. година кога дава нова свежина на македонската музичка сцена преку свирење инди поп и американа, со доза на акустичен кантри поп. Досега настапувале на повеќе фестивали и концерти како „Таксират“ (2010.) со „Нувел Ваг“, „Егзит“ (2011.) , „Здраво Млади“ (2012.), „ПИН Конференција“ (2012.), како и многу помали концерти. Кон крајот на минатата година „Џун“ го објавија својот втор албум „Indian Summer“, кој од неодамна едостапен за бесплатно преземање од овој линк. По објавувањето на албумот, за „Џун“ речиси веднаш следуваа повеќе успеси меѓу кои победата на натпеварот „Конверс рабер трекс“ (Converse rubber tracks), но и поканата да ја претстават својата музика на реномираниот фестивал „Сигет во август годинава. Доколку сте го чуле она што овој состав го презентира на своите настапи, сигурно веќе сте освоени од нивната свежина и креативен потенцијал. Сите оние кои на „Д ФЕСТИВАЛ“ прв пат ќе имаат можност да уживаат во музиката на „Џун“, бидете сигурни днема таа нема да ве остави рамнодушни.

 

„Д ФЕСТИВАЛ“ за својот петти јубилеј ја најави импресивната музичка програма со повеќе од 30 изведувачи кои од 17 до 19 јули ќе се претстават на трите фестивалски бини, а во листата изведувачи речиси секојдневно се впишуваат нови релевантни музички имиња и тоа не само од земјава и регионот, туку и пошироко. Своите настапи на главната бина досега ги потврдија и  КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ со ТИ-КЕЈ ВОНДЕР, „ФОЛТИН“, „БЕД КОПИ“, „ЉУБОЈНА БРАС ФАНТАЗИ“, „ФУЛИШ ГРИН“, „ПИ-ЕМ-ЏИ КОЛЕКТИВ“, „БЛА БЛА БЛА…“, „ЗАА, „БАИЛДСА“, КУЛТУРНО УМЕТНИЧКИ РАБОТНИЦИ“, „ДРАМ’ЕН’БРАС ТРИО“, „ЕЛЕКТРИЧНИ ОРГАЗАМ“, „НОВИОТ ПОЧЕТОК“, „ОРАТНИЦА“ и „РЕТРО КАБАРЕ“, а големата прослава на затворањето на јубилејното петто издание на „Д ФЕСТИВАЛ“ е загарантирана со искрената и неверојатна енергија на музичкиот гениј МАНУ ЧАО! Покрај музичката програма на „Д ФЕСТИВАЛ“ во Дојран најавени се и бројни гости од дополнителните активности на фестивалот.

ПОБРЗАЈТЕ ЗА СПЕЦИЈАЛНАТА СТУДЕНТСКА АКЦИЈА „4+1“

Покрај промотивните фестивалски и еднодневни велзници кои веќе се достапни во продажба, од понеделник (8 јуни) започнува да се спроведува и специјалната акција „4+1“ наменета исклучиво за студентите во Македонија. Во рамки на оваа акција за 4 купени фестивалски влезници, петтата влезница ја добивате бесплатно, како и гратис камп за сите петмина. Сѐ што треба да направите е да го соберете вашето омилено друштво, задолжително да носите студентска легитимација и да се упатите во едно од официјалните продажни места на „Д ФЕСТИВАЛ“. За оваа акција да биде уште подостапна, „Д ФЕСТИВАЛ“ ќе се погрижи и околу здружувањето на сите заинтересирани. Доколку не можете да се екипирате, за полесно да ги најдете вашите пајташи за на фестивалот и полесно да стигнете до единечна карта за тридневен фестивал која практично ќе ве чини 480 денари, задолжително следете ја официјалната фејсбук страница на „Д ФЕСТИВАЛ.

Фестивалските билети за тридневниот музички маратон на разумот од 17 до 19 јули, вклучувајќи го и сместувањето на ептен независниот камп, во претпродажба чинат 600 денари.

Претпродажбата ќе се спроведува до 1 јули и се однесува на ограничен број на влезници.

ЕДНОДНЕВНИ ВЛЕЗНИЦИ:
Ден 1 (17 јули) – 250 денари
Ден 2 (18 јули) – 250 денари
Ден 3 (19 јули) – 350 денари

ФЕСТИВАЛСКА ВЛЕЗНИЦА (+ бесплатен камп) – 600 денари
За деталите, посетете гo mktickets.mk .



Врати се горе ↑