21 ноември, 2017

Погледнете ја првата проба на Мина за детската „Евровизија“

За само неколку дена, на 26 ноември, во главниот град на Грузија ќе се одржи јубилејното, 15. по ред издание на детската „Евровизија“, во чии рамки ќе се натпреваруваат вкупно 16 земји, вклучувајќи ја и Македонија. Како што е познато, нашата претставничка годинава е талентираната Мина Блажев, која ќе се натпреварува со песната Dancing Through Life, а сега имаме можност да видиме како ќе изгледа и звучи сето тоа на сцената во Олимписката палата во Тбилиси, благодарение на снимките од првата генерална проба.

b1d069e46baa7b0639bdd381e1234102

Младата пејачка на сцената ќе биде сосема сама, без придружни вокали и танчери, така што целото внимание ќе биде насочено кон неа, а од тоа што може да се слушне од првата проба, Мина одлично се подготвила да ги одбрани боите на нашата земја. Веќе е познат и официјалниот редослед на настапи за годинашниот фестивал, така што Мина ќе ја видиме под реден број 8. 

23754812_10155119271556200_6874715334262046138_n

Исто така, годинава има и мали измени во гласањето, па публиката ќе има можност да започне да гласа уште на 24 ноември, притоа секој може да даде глас за 3, 4 или 5 земји, вклучувајќи ја и својата. Ова гласање ќе се одвива на официјалната веб-страница на фестивалот и ќе заврши точно пред почетокот на фестивалот, а во рамките на самата манифестација ќе биде повторно отворено за период од 15 минути. Резултатите од публиката ќе сочинуваат 50 проценти од крајниот резултат, а останатата половина ќе ја одредат стручните жирија од сите земји учеснички. Сето тоа претворено во поени ќе го одреди победникот за годинава.

15. издание на детската „Евровизија“ ќе биде пренесувано во живо на првиот канал на МРТ, в недела, 26 ноември, со почеток од 16.00 часот. Среќно!

И.Ј. / Фотографии: Томас Хансес (junioreurovision.tv)



Врати се горе ↑