23 февруари, 2014

Погледнете го „Утро без тебе“ од Ана Симоновска

По пауза од две години, Ана Симоновска во август минатата година ја претстави својата нова песна насловена „Утро без тебе“ која во изминативе месеци се вртеше на сите радио станици низ Македонија. Песната која е нејзино авторско дело и чиј аранжман го направи Дарко Тасев, а за продукцијата се погрижи Златко Симионски (До-Ре-Ми студио), деновиве дби и свое видео издание: „Огромно благодарам на другарките Биљана Младеновска, која беше задолжена за камерата, Маја Нацевска, која се погрижи за шминката и на мојата сакана сестра, која ме исфенира. Дополнително, му благодарам на Pirate Bay што ми го „позајми“ Adobe Premiere Pro и на мојот лап-топ, кој, со малку мака, сепак овозможи пристоен краен производ. Партизански проект (локацијата, парк-шумата Гази Баба, не е случаен избор), изведен со минимум ресурси, а максимум ентузијазам и убава енергија… Се надевам дека ќе ви се допадне.“ – вели Симоновска.

„Утро без тебе“ доаѓа по околу двегодишно отсуство од македонската сцена: „Пред две години, заедно со мојот сегашен сопруг ја напуштивме Македонија, живеевме една година во Виена, каде посветено го учев (и научив) германскиот јазик, а веќе година дена живееме во Исламабад, Пакистан.“ – вели Симоновска, која е дипломиран музичар, теоретичар и педагог, свири пијано, македонски народни инструменти и гитара.

Нејзиниот прв јавен настап беше на Скопскиот фестивал во 1999 година со песната „Дојди ми“, а потоа настапи на националниот избор за Евросонг 2002 со „Како ми е мене“ и 2009 со „Добар крај“. Со бендот Барбут беа активни со живи настапи во ноќните клубови и ја снимија песната – „Собери сила“. Подоцна самостојно ги сними „Застани“, „Студени“, „Where do we go“, „Сега си ти“, „Пријател“. Има соработувано со Дарко Тасев, Кристијан Габровски, Валентино Скендеровски, Златко Симионски.

Сите песни на Ана Симоновска се достапни за преслушување и слободно преземање на сервисот Soundcloud.



Врати се горе ↑