20 мај, 2014

Погледнете го „SayIt“ од Робин и Ројксоп

Веќе Ви пренесовме дека шведската музичарка Робин и норвешкото дуо Ројксоп снимија заедничко издание насловено „Do It Again“, од кое беше претставена истоимената песна, како и поп баладата „Monument“ во рамките на рекламата за автомобилите Волво. Деновиве стигна и видео записот за третата песна од новото издание, темата насловена „SayIt“. За новиот видео запис кој се снимаше во еден напуштен индустриски парк, беше задолжен шведскиот дизајнерски тим Сендберг и Тимонен (Sandberg & Timonen), а Свеин од Ројксоп за сето тоа изјавил: „Сакавме видео записот да делува елегантно, но истовремено и вознемирувачки. Мене ме плаши и самиот факт што во спотот носам фустан, бидејќи обично не се облекувам така.“ 

Албумот „Do It Again“ е најавен за 26 мај, а Робин и Ројксоп летово ќе претстават и серија од заеднички настапи ширум Европа и САД. Како изгледа и звучи „SayIt“ можете да погледнете горе, а рекламата за Волво, односно темата „Monument“ погледнете ја во продолжение.

 



Врати се горе ↑