21 ноември, 2015

Погледнете го првиот видео запис на скопскиот бенд „Визија“

Во четвртокот вечерта, во рок барот „Гарсон“ скопскиот бенд „Визија“ го промовираше својот прв видео запис за песната „Гласот на мојата душа“. Видео записот е во режија на Марко Џамбазоски, кој воедно е и сценарист и монтажер, снимател е Кристијан Караџовски, шминка Биле Младеновска, а улогите ги толкуваат Стефан Петровски, Александар Алексовски, Дамјан Јосифовски и Дејан Младенов. Спотот е во продукција на Факултетот за драмски уметности – Скопје.

Бендот „Визија“ постои четири години, а во него членуваат Марко Џамбазоски, соло гитара и придружен вокал, Марко Гапо, вокал и ритам-гитара, Лилјана Јанкова, бас-гитара и придружен вокал и Синиша Ѓорѓевиќ, тапани.

Еден од најголемите успеси на бендот е настапот на 47. издание на „Гитаријадата во Заечар, во 2013 година, а набрзо потоа и на Јелен демофест во Бања Лука, каде што добија одлични критики. Следуваат концерти во Скопје, Никшиќ, Благоевград, Штип, Куманово и во Белград, а еден од последните настапи им е на јубилејниот 30. „Рок-фест“, каде што гитаристот Марко Џамбазоски беше прогласен за најдобар гитарист на фестивалот.

Важни за „Визија“ се и позитивните критики од британската музичка интернет-страница „Емерџинг инди бендс“ (EmergingIndieBands), што на нивната листа од најдобри 90 нови бендови за 2014 година ја поставува „Визија“ на 7. место, како и американската радиостаница „Даблју-ем-би-ар“( WMBR), што ја вброиле песната „Гласот на мојата душа“ меѓу најдобрите за 2013 од територијата на поранешна Југославија.

На 28 ноември (сабота) „Визија“ ќе настапи во МКЦ во Скопје, на „Таксират лузер фест“.

 



Врати се горе ↑