24 февруари, 2015

Погледнете го оскаровскиот настап на Лејди Гага во чест на „Звукот на музиката“

Како што е познато, Лејди Гага настапи на 87. доделување на Оскарите, кое се одржа во неделата, во театарот „Долби“ во Лос Анџелес. Пејачката изведе делови од песните „The Hills Are Alive“, „My Favorite Things“, „Edelweiss“ и „Climb Every Mountain“, кои легендарната британска актерка и пејачка Џули Енруз пред точно 50 години ги пееше во култниот мјузикл Звукот на музиката“ (Sound of Music) од 1965 година. На 38. доделување на Оскарите во 1966 година, овој филм освои 5 статуетки, вклучувајќи ја и главната награда за „Најдобар филм“.

Гага навистина ја воодушеви публиката и гледачите пред малите екрани, а извршните продуценти на Оскарите, Нил Мерон и Крег Зејдан, открија дека пејачката се подготвувала за настапот цели шест месеци: „Таа може да направи сè! Рече дека ако успее беспрекорно да го изведе овој настап, тоа ќе ја однесе нејзината кариера во една сосема нова насока… и успеа!“, рекоа продуцентите во неодамшено интервју за „И-ти онлајн“.

„Многу сум возбудена што сум тука и навистина ќе дадам сè од себе за оваа изведба“, изјавила пејачката на црвениот тепих пред манифестацијата. „Тоа ќе биде настап во чест на еден извонреден филм којшто засекогаш ја промени филмската историја“, додала таа.

Воодушевена од изведбата беше и самата Џули Ендруз, која се појави на сцената веднаш по настапoт: „Многу сум почестена што Академијата реши да нè потсети на ’Звукот на музиката’, а особено ме трогна прекрасната изведба на Лејди Гага. Отсекогаш сум била нејзин фан, но синоќа навистина се збилижвме и сега имам нова пријателка“, изјави 79-годишната ѕвезда за „Тајм“.

Фотографија: Кевин Винтерс/ Гети имиџис (Kevin Winters/Getty Images)

По минатогодишниот заеднички проект со џез музичарот Тони Бенет и четвртото студиско издание „ARTPOP“ од 2013 година, 28-годишната ѕвезда подготвува нов материјал, а во кој стил ќе бидат нејзините нови хитови останува да дознаеме наскоро. Во меѓувреме, таа објави неколку фотографии со легендарниот Најл Роџерс и Дајен Ворен, како и со британската миленичка Адел, па не е исклучена можноста да слушнеме и интересни соработки на овие познати музичари.

 И.Ј.



Врати се горе ↑