12 јуни, 2014

Погледнете го „Она е од Шутка“ на ДНК

„Она е од Шутка“ е насловот на новата музичка соработка на Р&Б дуото ДНК со еден од тројцата најдобри продуценти во Хрватска – Бејби Дукс (од Болни Браќа), кој соработувал и компонирал за многу балкански и светски музички имиња. Автори на музиката за песната која за прв пат во Македонија ги соединува хрватскиот хип-хоп со ромскиот мелос и македонскиот Р&Б,  се Дукс и Панчо (автор и на текстот), а специфичниот аранжман го направи Дукс.

„Забавно ми беше компонирањето и продуцирањето на ’Она е од Шутка’, со оглед на тоа дека станува збор за песна која спојува различни жанрови музика. Но најинтересен беше моментот кога требаше да запеам на македонски јазик – нешто што за прв пат го направив и излезе одлично. Со задоволство би пеел и на ромски, но најпрво треба да најдам убава учителка по ромски јазик“, се шегува Дукс.

„Во новиот сингл за прв пат експериментираме со балкански мелос и драго ни е што тоа го правиме заедно со еден од пионерите на хрватскиот хип-хоп кој соработувал со големи музички артисти како што се Едо Маајка, Нина Бадриќ, Северина, Дино Мерлин, Здравко Чолиќ, Фет Џо, Енџи Мартинез, Ерик Сермон, Редман итн“, изјавуваат ДНК.

За „Она е од Шутка“ неодамна беше изработен и видео запис кој што го снимаше Томато Продукција токму во Шутка, во кој заедно со ДНК и Бејби Дукс свири ромската група Фанта. Главна актерка во  видеото е Сара Џеладин, двократната победничка на Изборот на Мис на Шутка, а како изгледа сето тоа можете да погледнете горе.

„Она е од Шутка“ е прв сингл на ДНК после издавањето на албумот „Срце“ од минатата година со кој момците ги започнуваат подготовките за нивниот трет носач на звук.



Врати се горе ↑