14 декември, 2015

Погледнете го новиот видео запис на Елена Ристеска

Прекрасната балада „Доживотно“, која Елена Ристеска премиерно ја претстави во рамките на втората сезона на регионалниот „Х фактор“ и која доби дури три награди на годинешниот радиски фестивал „МАРС 2015“, неодамна доби и видео запис. Истиот досега можеше да се погледне само преку апликација на Телеком, а веќе од вчера е достапен и на Јутјуб.

Песната е мошне емотивна и кога прв пат ја слушнав, ме остави без здив“, рече пејачката кога за првпат ја отпеа песната потпишана од Александра Милутиновиќ, а аранжирана од Дарко Димитров. Во видео записот покрај Елена се појавуват и Марјана Станојковска, манекенката Ана Коцева и популарната српска водителка Катарина Шишмановиќ, а се снимаше во хотел „Русија“ под режисерската палка на Бане Поповиќ и „Томато продукција“.

Фотографија: Јутјуб

„Доживотно“ воедно е и најава за новиот албум на Ристеска, кој ќе го носи насловот „Без шминка“. Изданието ќе биде трето, односно четврто по ред во нејзината кариера, а ќе ги наследи првенчето „Ден и ноќ“ од 2003 година, „192“ од 2006 и „Милионер“ од 2008 година, кој всушност ги содржи песните од „192“, но отпеани на српски јазик.



Врати се горе ↑