27 ноември, 2012

Погледнете го новиот спот на Принс

По тригодишна пауза на сцената се враќа и легендарниот музичар Принс. Со новиот видео запис за песната „Rock And Roll Love Affair“, пејачот навестува одредени промени во 35-годишната кариера. Интересно е тоа што Принс беше голем противник на ЈуТјуб, но и интернет воопшто, бидејќи сметал дека интернетот ќе ја „убие музиката“, па се обидуваше неговите снимки да ги дистрибуира преку дневните весници во ЦД формат, но сепак спотот за новиот синлг беше промовиран токму на ЈуТјуб.

Уште една интересна работа е тоа што во спотот се појавува и неговиот реформиран бенд NPG (New Power Generation), а познато е дека членката Енди Ало минатата недела го објави нејзиниот деби албум „Superconductor“ (на кој се наоѓаат и некои од песните кои ги напиша Принс), и тоа преку неговиот „омразен“ сервис АјТјунс. Како што пишува music-news.com, овие два интересни факти се можни показатели за пресврт и конечно прифаќање на „интернетот“ каков каков што е од страна на еден од најголемите и најексцентрични музички ѕвезди во последните неколку децении.

Фановите пак се заинтересирале и за нешто друго; во новиот спот се гледа логото на NPG Music Club, некогашната веб страница (за која се плаќала доста скапа членарина) и издавачка куќа која Принс ја затвори во 2006 година, како и мурал со сликата од обвивката на „The Rainbow Children“, неговиот албум од 2001 година, што довело до шпекулации за тоа дека со овој спот всушност го најавува и неговиот нов алум. За сега нема официјални информации околу новиот албум на музичарот, а додека ги очекуваме следните новости, погледнете го спотот за „Rock And Roll Love Affair“.

 Извор: music-news.com/mtv.rs



Врати се горе ↑